Home » Филмот „Шеќерни луѓе“ дел од публикацијата „Светска книга на кратки филмови“

Филмот „Шеќерни луѓе“ дел од публикацијата „Светска книга на кратки филмови“

by culturalchat

Филмот ,,Шеќерни луѓе’’, на режисерката Сузана Диневски е вклучен во престижната публикација на Паоло Казароли „Светска книга на кратки филмови“, која содржи над 4000 филмови што биле прикажани на различни меѓународни фестивали за краткометражни филмови. Публикацијата на Казароли, кој е и основач на Cinebaloss, претставува една уникатна и ексклузивна колекција што ја слави уметноста на кратки филмови и го истакнува талентот и креативноста на одделните филмаџии.

„ Откријте ја креативната суштина на киното преку компактно раскажување приказни, придружено со синопсиси, технички информации и проценки за секој филм“, се вели во описот на книгата за која се додава дека на читателите ќе им понуди кинематографско искуство како ниедно друго! Збирката опфаќа над 300 страници и навлегува во уметничката суштина на кинематографијата. Синопсиси, технички информации и детални проценки за секој филм.Читателите имаат и пристап до 1200 филмови преку QR-кодови, достапни на интернет.Во секој случај Сеопфатен поглед на филмскиот свет во компактен и привлечен формат.

Вклучувањето на краткометражниот филм ,,Шеќерни луѓе’’ во оваа глобална компилација е потврда дека филмот претставува достојно уметнично дело, но и потврда за креативноста и талентот на авторот на филмот, со што се признава придонесот на Диневски во светот на кинематографијата.

Филмот е награден со над 23 награди во различни категории и селектиран во официјална селекција на 60 филмски фестивали ширум светот. Меѓу последните награди, ,,Шеќерни луѓе” е награден за најдобар краткометражен игран филм на ,,8-миот Инка Империал” меѓународен филмски фестивал во Лима, Перу, беше прикажан во официјалната селекција на меѓународниот филмски фестивал ,,BJX Bajio”, во Гванахуато, Мексико, во официјалната селекција во програмата ЕCHOES пред португалската публика за време на 19-то издание на филмскиот фестивал за нови режисери FEST – New Directors | New Films Festival што се одржува во Еспинхо, Португалија, Подградец, Албанија, на филмскиот фестивал за Југо-источна Европа, во Париз, Франција, на филмскиот фестивал ,,Европа сега” во Глазгов, Обединето Кралство и на меѓународниот филмски и видео фестивал во Маракај, Венецуела. Тука е и проекцијата на филмскиот фестивал ,,Љубов и надеж’’ во Барселона, Шпанија.

Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски. Книгата сега е достапна за продажба на Амазон.

 

Related Articles