Home » Фолклорна разгледница:заеднички концерт на Танец и Коло во Битола

Фолклорна разгледница:заеднички концерт на Танец и Коло во Битола

by culturalchat

Во рамките на прославата на 75-годишнината од своето основање, српскиот ансамбл „Коло“ во Центарот за култура во Битола одржa концерт со ансамблот „Танец“, како дел од регионалната турнеја наречена „Колодром“.

Ансамблот „Коло“ е основан во 1948-та, една година пред основањето на Танец. Двата ансамбли имаат долгогодишна успешна соработка, а последен пат настапија заедно на Новогодишниот концерт на Танец во 2019 година, во рамките на чествувањето на јубилејната 70-та година од постоењето на македонскиот национален ансамбл. Тогаш на сцената на Македонскиот народен театар заиграа заедно над 120 учесници, спектакл во кој уживаа сите љубители на врвниот македонски и српски музичко-сценски фолклор.

” Ние во Битола сме после еден одличен концерт кој го имавме со Танец во Крагујевац пред 2000 луѓе, па така таа енергија од таму ја пренесуваме и во Битола.Посебно ни е мило што нашите настапи го поместуваме од главните градови во останатите, така што публиката во Крагујевац по прв пат имаше можност да го гледа Танец, а ние овде сме веќе традиционално. Битолската публика е секогаш подготвена  за сите наши програми и се чувствуваме прекрасно секогаш кога гостуваме”, изјави Јанко Димитријевиќ, раководител на уметнички сектор на ансамблот Коло.

Посебно внимание кај публиката предизвика изведбата на „Отвори ми бело Ленче“ за која гостите од Коло подготвија посебна кореографија.

„ Таа песна се пее и во Македонија и во Србија.Таа е во рамките на „Врањанската свита“ ,на Иван Деспотовиќ Eшвајлер. Она што имавме можност да го погледнеме е дека битолската публика најмногу ја препозна оваа песна и ја отпеа со нас“, додаде Димитријевиќ.

Коло со богата агенда после Битола, па така после концертот во нашиот град настапуваа во Куманово.

„После тоа одиме во Грачаница заеднички концерт со нашите колеги од анасмблот Венец, а тие ни гостуваат кај нас на 1-ви јули во Беолград.Уште еднаш да напоменам дека ние прекрасно се чувствуваме секогаш кога гостуваме во Македонија“, истакна  раководител на уметнички сектор на ансамблот Коло.

Македонската јавност на концертот во Битолa имаше можност да ужива во раскошните кореографии и сценски адаптации, како и во прекрасните вокално-инструментални сплетови на народни мелодии од богатиот репертоар на двата ансамбли.

И ансамблот за народни песни и игри Танец не поведе низ македонската традиција и ја претстави убавината и виртуозноста на фолклорната игра, како и богатството на народните носии. Тука беа  автентичните кореографии, професионалните играчи и пејачки групи. „Битолската публика е добро познат поддржувач на Танец“, истакна директорот Мартин Вучиќ.

„Последните неколку години сме чести учесници на Илинденски денови, пред неколку години и со Хрватскиот ансамбл Ладо, сега со Коло, имавме концерт и со Влатко Стефановски, битолската публика секогаш имала реноме, во светот на културата затоа секогаш ни е многу драго кога гостуваме тука“.

Дел од програмата беше посветена на музиката која првенецот Милан Завков  кој почина оваа година, ја твореше за својата матична институција, ансамблот „Танец“.

„Следствено на состојбата е да ја посветиме сезоната колку што можеме на творештвото на Милан кое е големо во Танец и сметам дека е единствен начин на кој што можеме ние да му оддадеме почит на него. Сепак музиката е таа што остана и која ние ќе ја интерпетираме во иднина.Големи траги остави во македонската музика, тоа се гледа и по реакциите на публиката. Во иднина ќе има концерти посветени на неговите песни“, додаде Вучиќ.

После Битола и Танец со богата агенда.

„Имаме уште неколку концерти низ Македонија со проектот Изворни минијатури. За прв пат ќе настапиме оваа година на фестивалот Пеце Атанасовски за изворни инструменти и песни, нешто што искрено сакам да премине во традиција, бидејќи е единствен фестивал од овој тип.Оваа година имаме една новост а тоа е дека од оваа година Танец ќе биде редовен учесник на Галичка свадба“, истакна Вучиќ.

Концертот траеше повеќе од договореното,  а секоја кореографија беше враќана на бис по повеќе пати .

Related Articles