Home » (Фотогалерија): 3 часовен концерт на Лајбах во Битола

(Фотогалерија): 3 часовен концерт на Лајбах во Битола

by culturalchat

Фестивалот на музика од светот, кој се одржа од 23. до 25. ноември под мотото „Една сцена, звук на светот“, заврши со спектакуларниот концерт на Лајбах, оставајќи неизбришлива трага на културниот пејзаж на Битола.

Лајбах, настапија во нашиот град како дел од нивната европска турнеја . Овој перформанс не само што го прикажа нивниот уникатен спој на музика и уметност, туку и навлезе во длабоки теми со кои во моментот е преокупирана оваа музичка формација. „Love is still alive“ турнејата на Лајбах е спој на уметност и длабоко тематско истражување.

„ Многу ни е мило што имавме можност да дојдеме тука, иако патот не беше едноставен. Дојдовме од Букурешт, всушност имаме концерти секој ден скоро 9 дена. Потоа следуваат Бугарија и Србија. Иако е напорно, кога доаѓавме за Македонија посакавме да падне снег и еве желбата ни се исполни“, истакна Иван Новак.

Прес-конференцијата што претходеше на концертот отвори дискусии за критичните глобални прашања. Неодамнешното видео на „WAR“ кое се совпадна со конфликтите на Блискиот Исток, ја нагласи нивната репутација дека со пророчка прецизност допираат до пулсот на човештвото. Размислувањата на бендот за војната, мирот и политичките теми на фестивалот, како поттик за еден внимателен културен дискурс. Токму дел од тие размислувања им донесоа и забрани и цензури на некои концерти.

„ Имавме забрани, цензури, но тоа за нас не е најважно, ние уживавме во тие 80- ти години во тие игри, нам тоа ни беше инспиративно и свесно ги прифативме тие забрани.Тоа ни беше еден вид креативен дијалог со власта.Но ние уште на самиот почеток тргнавме со тој план да настапуваме и надвор во другите држави и сакавме тоа што го работиме да го претставиме во целиот свет. Забраните дури и ни помогнаа не поттурнаа така да кажеме“, додаде Новак.

Првата турнеја им била во 1983 година.

„ Нашиот пријател Теодор Лоренчиќ, кој беше еден од нашите асистенти, фотограф, ги пронајде фотографиите после не знам колку години и објави книга за нас. Токму во неа се опишува нашата прва турнеја. Имавме 20 концерти низ Европа од кои последниот беше во Лондон.Морам да признаам тој концерт беше ужасен се се распадна дури и сцената, а после 3 дена ни се јавија од една издавачка куќа и ни кажаа дека ова за нив бил најдобриот концерт и бараа да потпишеме за нив, па така се започна“, рече Новак.

За нивното опстојување денес, но и за младите генерации истакна:

„ Не е лесно. Иако ние би сакале да бидеме дел од ова време, а младата генерација нема слух за тоа што ние го работиме.Тие прифаќаат некој свој модус преку социјалните мрежи. Но и меѓу нив, знаете дека генерацијата на инстаграм не комуницира со генерацијата на фејсбук, или генерацијата на ток ток не комуницира со онаа на инстаграм и сл. и ретко се случуваат некои вкрстувања некои спојки. Денес има многу повеќе ѕидови од порано.Иако зборуваме како интернетот дава некоја слобода, со своите алгоритми всушност поставува повеќе содржински ѕидови. Денес некако младите генерации не обрнуваат внимание на нешто што е постаро од нив. Сметам дека треба да слушаат нешто што одговара со нивниот сензибилитет“.

Членовите на Лајбах, зборуваа и за проектот „ALAMUT“, кој е поврзан со нивна намера да настапат во Иран. Тој проект веќе е изведен во соработка со Словенечката филхармонија, предводена од еден ирански диригент. Лајбах, во овој момент со музиката допира до сферите на визуелната конзистентност, филозофијата на животот и егзистенцијалните прашања на нашето време. Нивниот последен албум, навлегува во темите на љубовта и убавината како контрапункт на светот што оди на работ на една апокалиптичната визија, инспирирана од „The Future“ на Леонард Коен.

Доаѓањето на Лајбах, привлече публика од други земји за прв пат, што ја отвора меѓународна привлечност на фестивалот за друга публика. Битола на нивната турнеја се приклучи во редот на други 20 престижни градови како Лондон, Амстердам и Варшава.

Овогодинешното 15. јубилејно издание, не само што ја зацврсти позицијата на Битола на глобалната мапа на град кој го слави жанрот •world music•, туку покажа и спектар на извонредни музички артисти и жанрови.

Related Articles