Home » Фото изложба за двете најрепрезентативни џамии во Битола

Фото изложба за двете најрепрезентативни џамии во Битола

by culturalchat

Во просториите на Центарот за култура и образование кое е под муфтиство Битола, беше отворена фото изложбата “Исхак Челеби џамија и Хајдар Кади џамија – верско историски објекти во Битола“ .

Изложбата беше организирана по идеја на носителот на проектот Агим Џело.

„Битола е горда што има голем број верски објекти, воедно и историски, кои даваат посебен шмек на градот.Верувам дека ова нема да е прв проект од ваков вид и дека и во иднина ќе работиме на проекти од сличен карактер“, истакна Џело и додаде:

„Истакнувам огромна благодарност до целата екипа која беше вклучена во реализацијата на оваа изложба.Благодарност до муфтиството од Битола кои ни дадоа одврзани раце да работиме во објектите и ни го отстапија Центарот за да ја поставиме изложбата.Благодарност до Министерството за култура кои ја поддржаа изложбата и без чија помош немаше да се реализира ништо од замисленото“.

Битолскиот муфтија Амит Расими на отворањето истакна:

„Од самиот почеток го ставивме целиот потенцијал на располагање за да се реализира изложбата, која е прва од ваков вид во нашиот град. Затоа ја понудивме целата потребна помош. Изразувам благодарност до носителот на проектот Агим Џело за идејата за оваа изложба и воедно промоцијата на овие два доста значајни објекти кои се под нашето муфтиство“.

Се работи за фото изложба на која се изложени фотографии направени во двете активни џамии во Битола, а преку нив беа прикажани дел од верските активности кои се одвиваат таму, како и ентериерот и екстериерот на џамиите фотографирани во различни периоди од годината.

Исхак Челеби џамија е изградена во 1506 година и таа е една од најстарите зачувани џамии во Битола. Наспроти Саат Кулата, и Големиот Безистен, оваа џамија чиј минарет е висок околу 50 метри, едноставно доминира во просторот.

Исак џамија денес се смета за најубава битолска џамија.Оваа и денес активна џамија е сместена од левата страна на реката Драгор и заедно со Јени џамија и Саат-кулата го одредувале јадрото, центарот на отоманска Битола.

Ктитор на џамијата е битолскиот кадија Исак Челеби кој пред тоа бил солунски кадија.

Иако со своите димензии слични на Јени џамија претставува монументален објект со импозантни решенија и волумени, сепак е храм на духовна повлеченост, односно таа е храм кој повеќе бил посветен на книжевните толкувања на Куранот.

Хајдар Кади џамија Била изградена во 15611563 година од кадијата Ајдар од Битола. Џамијата е градена од градители од школата на најголемиот османлиски градител Мимар Синан и е позната како џамија „Принцеза на Балканот“. Мимар Синан, бил нарекуван Микеланџело од Блискиот Исток. Според Евлија Џелебија од XVII век, оваа џамија се сметала за една од најубаво декорираните во тоа време кога се изградила.

Хајдар Кади џамијата е единствена во регионот со отворен трем и според записите, таа имала две минариња. Хајдар Кади џамија се наоѓа на левата страна на реката Драгор, во близина на Дебојот и поранешниот Овчи пазар.

Изложбата беше поддржана од Министерство за култура на  Македонија, а ќе биде поставена до недела, 16.јули.

 

 

Related Articles