Home » Љубица Мешкова Солак добитник на наградата „Борислав Траиковски“, за најдобро ликовно остварување

Љубица Мешкова Солак добитник на наградата „Борислав Траиковски“, за најдобро ликовно остварување

by culturalchat

Во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, во Кристалната сала на Офицерскиот дом, беше презентирана годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Битола. На 49 -то издание се претставија 35 членови од Битола, Прилеп, Ресен, Куманово, Кавадарци, Струга, Струмица и Скопје.

Учесници за 2023 се: Александар Поповски, Андреј Мајановиќ, Бојана Артиновска, Бојана Тошевска, Буба Мешкова Солак, Валентина Илијевска, Вангел Крстиновски, Ване Костуранов, Ванчо Кеков, Васко Ѓоргиев, Владимир Илиевски, Владимир Младеновски, Дејан Макаријоски, Димитар Димитров, Димитри Балојани, Душан Шешиќ, Ѓорги Зајаковски, Елизабета Костова, Златко Крстевски, Златко Лечковски(гостин), Лара Ташковска, Љупка Галазка Василев, Маја Танева, Марјан Котевски, Мартин Јакимовски (гостин), Нела Петровска, Николче Српчански, Оливера Лазаревска-Оља, Панде Петровски, Петар Кирановски, Роберт Михајловски, Слободан Рајчевски, Стефан Анчевски, Тони Попов и Филип Јовески.

На оваа изложба традиционално се доделува наградата „Борислав Траиковски“, за најдобро ликовно остварување во чест на еден од највлијателните македонски дејци во уметноста и еден од првите повоени образовани ликовни уметници. Наградата ја доделува комисијата составена од историчри и критичари на уметност, реномирани уметници, културни дејци и член на фамилијата Траиковски: Лиљана Христова, Владо Ѓорески и Никола Главинче. На вчерашната изложба наградата за најдобро ликовно остварување отиде кај Љубица Мешкова Солак, награда која ја прими нејзиниот внук, Нестор Солак.

Љубица Мешкова Солак по овој повод на социјалните мрежи напиша:

„Борислав Траиковски е еден од најпознатите македонски сликари,  роден  е 1917 година во Битола. Починал 1996 година, а целото творештво го посветил на Битола и Македонија.  Име кое значи многу во македонската современа уметност, а честа да го добијам признанието  БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ  за мене значи многу ! Признанието го добивам по втор пат за неколку години. И Да, морам да признаам дека сум радосна и горда. Им благодарам на комисијата што одлучиле дека моето дело го заслужува годинава ова значајно признание , им Благодарам на ДЛУБ ,Председателот Васко Ѓоргиев и на моите колеги и пријатели од ДЛУБ и Фамилијата на уметникот Траиковски“.

На добитничката ѝ беше доделена и луксузната монографија напишана за еден од наjплодните македонски и битолски ликовни уметници – Борислав Траиковски.

Пофалници добија уметниците Тони Попов и Мартин Јакимовски за особено ликовно остварување на Годишната изложба на ДЛУБ 2023.

„Оваа изложба  бележи  пресек на ликовни остварувања на членовите  изработени во последната година. Општ впечаток е дека доминираат дела на млади креативци  кои веќе го изградиле или се обидуваат да го трасираат својот творечки пат. Изложбата има емотивна и духовна вредност поврзана со Борислав Траиковски, уметник кој остави печат на ликовниот живот во Битола“, истакнува Лиљана Христова – историчар на уметност, виш кустос. Член  на Друштвото на Историчари на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари (А1СА) и додава: „ДЛУБ потпирајќи се на духот и делото на овој уметник, секоја година  ја негува искрата од огнот која ја остави зад себе. Како извор на инспиративен поттик на изразување со неверојатни можности, творештвото на овој уметник лебди на секоја изложба особено со доделувањето на награда за најдобро ликовно остварување насловена „Борислав Траиковски“. Актуелната полифонија на уметничките изрази на оваа изложба  покажува различен состав на вредности, автентичен ликовен јазик и крајна  слобода на индивидуалното творештво. Изложбата открива широк дијапазон на независни и автентични сликарски поетики на авторите и илустрира креативна динамика која суштински го отвора патот кон согледување и обликување на  современата уметност во Битола“.

Владо Ѓорески – уметничкиот директор на Меѓународното графичко триенале во Битола, и кустос за современа уметност при националната установа Завод и музеј – Битола вели:

„Друштвото на ликовните уметници од Битола е создадено пред повеќе децении со одредена цел, причина и општествена улога кои во повеќедецениското опстојување се менувале во различни насоки и мотивации, докажувајќи ја оправданоста и неопходноста од ваква формација, која секогаш била во насока на спасување, поттикнување и афирмација на креативноста и визуелниот израз. Сегашниве тенденции во самото здружение,  за среќа, успеваат да обединат неколку суштински елементи кои се еден вид барање, излез, искрена припадност и зачувување на автентичната индивидуалност обединета во специфичен колективизам, сличен на острово, кое е наспроти огромното копно на сериозната девалвација во однос на човечката дехуманизација во сите насоки.Денес да се биде со ликовната уметност, едноставно и непретенциозно е знак, патоказ, можеби потреба да се биде едноставен, непретнциозен, природен, благороден Човек, ако сеуште нешто и на некому му значи тоа“.

Друштвото на ликовни уметници на Битола (формирано пред 49 години) има значаен удел за развој и афирмација на ликовната уметност во Битола, град со богата културна и уметничка традиција. Друштвото во сите тие години организира групни и самостојни изложби, ликовни настани како и архивирање на ликовни материјали.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Македонија.

 

 

 

 

 

 

Related Articles