Home » 35 години од историскиот подвиг на Димитар Илиевски Мурато-искачувањето на Монт Еверест

35 години од историскиот подвиг на Димитар Илиевски Мурато-искачувањето на Монт Еверест

by culturalchat

На денешен ден пред 35 години, 10. мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, како прв македонски алпинист се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест (8.848 метри). Македонската јавност никогаш нема да го заборави разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, што го водеа тој ден на Хималаите и легендарната фотографија на Димитар снимена на врвот на Еверест, точно во 18 часот по локално време.

„Ние тука сме среќни“, вели Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан.

„ Македонија! Мацедониа! Е,ееее Македонија“ – пееја, тогаш македонските планинари и неколку Шерпаси.

Овој дел може да го слушнете од 4-та минута во видеото.

Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89″ се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, и дури 80 минути бил на највисоката точка на планетата Земја. Искачувањето е направено од јужната страна на Еверест. За жал, тој не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите.Македонските планинари, организирани од планинарскиот спортски клуб- ПСК „Пелистер”, во чест на Мурато, и годинава масовно ќе учествуваат на традиционалниот планинарски марш, кој се одржува по 35 ти пат.Истиот ќе се одржи на 11.05 сабота на Баба планина. На Маршот се очекува да земат учество неколку стотици планинари од земјава и странство, со што истиот добива меѓународен карактер. Маршот ќе се одвива по патеката: Инфо-Центар-Палиснопје-Ловечка куќа-Врв Пелистер-Димев Врв. Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се имал искачено на повеќе планински врвови. Покрај искачувањето на Монт Еверест во 1989 година, Диме се има искачено на голем број врвови во Македонија, на Балканот, во Алпите. Меѓу другото се има искачено на Мон Блан и поголем број врвови со алпинистички приоди во масивот на Мон Блан, потоа Матерхорн, Монте Роза, Грос Глокнер, и значителен број врвови на Доломитите. Во 1982 година се искачи на Хуаскаран и тоа и на северниот и на Јужниот врв, како и на Хопикалки. Во 1984 се искачил на Врвот на Комунизмот во Памир. Во 1986 година во состав на Македонската алпинистичка хималајска експедиција на Манаслу стигна до 7.500 метри каде што остана неколку дена во очекување добро време за јуриш кон врвот. Покрај големиот број тешки алпинистички искачувања во Алпите, тој е автор е на голем број првенствени насоки на Матка, Солунска Глава, Демир Капија, карпите околу Прилеп, на Пелистер, на Проклетие, на Вихрен и уште многу други планински масиви.Како што е познато за подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, од Македонскиот олимписки комитет е прогласен за „Великан на спортот”, а добитник е и на други награди и признанија. Општина Битола во чест на својот истакнат граѓанин пред неколку години во централното градско подрачје именува улица со името на Димитар Илиевски-Мурато. На родната куќа на Димитар, поставена е спомен плоча. Неодамна беше промовиран документарниот филм „Хималајски борци“ за 50-годишното пријателство меѓу двајцата планинари Стипе Божиќ од Хрватска и Виктор Грошељ од Љубљана, за нивните експедиции, а на една од нив тие го изгубија својот пријател битолчанецот Димитар Илиевски Мурато.

 

 

 

 

Related Articles