Home » 40 уметнички дела изложени во Битола преку изложбата „ Париски рефлексии“

40 уметнички дела изложени во Битола преку изложбата „ Париски рефлексии“

by culturalchat

Активностите во рамките на Француската културна есен продолжуваат во Битола, па така во Офицерскиот дом беше презентирана изложбата „Париски рефлексии“, а во организација на Францускиот Институт во соработка со Националната галерија, француската амбасада, а во локално партнерство со КИЦ Битола, Француската алијанса и Францускиот почесен конзулат.

Изложбата е составена од 40 уметнички дела преку кои публиката може да посведочи за непресушното влијане на градот на светлината врз творештвото на најреномираните македонски сликари.

Избраните дела на големите мајстори и основачи на македонското современо сликарство скоро два месеци ќе бидат изложени за да може битолската публика, а особено младите да го откријат ова, често непознато, богато културно наследство.

За изложбата зборуваше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, директорката на КИЦ Лили Бошевска, а ја отвори францускиот Амбасадор Сирил Бомгартнер. Тој посочи дека Париска школа е името за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност.

Градоначалникот истакна дека Битола, како град на франкофонијата, има посебно задоволство да биде домаќин на оваа вредна и значајна изложба. „На прекрасен начин го заокружуваме денешниот ден со отворањето на оваа изложба, Париски рефлексии, во која имаме ретка можност на едно место да ги погледнеме најпознатите дела на македонските уметници, создадени под влијание на Париз, во организација на Почесниот конзулат на Република Франција во Битола. Градот на светлината успеал да ги магепса најголемиот дел од неговите посетители, а уметниците, најдобро знаат како, дел од тие блескави моменти на Париз да го стават на платно и да го претворат во трајна уметничка вредност“.

Во попладневните часови,  во старата Битолска чаршија беше претставен проектот  Сигналитика  –  како резултат на соработката  помеѓу Општината Битола и Француската  Национална асоцијација  Забележителни Места и градови  односно градови на уметноста и историјата  и градови со заштитени јадра. Станува збор за соработка  што трае скоро  20 години и досега резултираше со два проекти Сигналитика и Инвентаризација на старата битолска чаршија.

Изложбата Париски рефлексии ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.

Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6та и 7та деценија на 20 век: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, како и Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија.

На изложбата во рамките на француската културна есен му претходеа повеќе активности: Школа за краток филм, танцови изведби, преку проектот „Среќна претстава “ /Паралелни стапки, кој беше сублимат на наученото во рамките на проектот Учиме и создаваме поинаку. Станува збор за регионален проект поддржан од Министерството за надворешни работи којшто нуди иновативен пристап кон изучувањето на францускиот јазик на забавен и креативен начин, како и модернизација на сликата за Франција меѓу младите луѓе.

На настанот присуствуваа голем број гости, меѓу кои и генералните и почесни конзули, како и уметници, љубители на уметноста и голем број млади лица, на задоволство на организаторот.

 

Related Articles