Home » Актерот Ѓорѓи Јолевски со награди на интернационални фестивали

Актерот Ѓорѓи Јолевски со награди на интернационални фестивали

by culturalchat

Краткометражниот игран филм „Ако немаше небо“, снимен по сценарио и во режија на Бранко Попчевски, ги освои наградите за најдобар краток филм, како и за најдобар актер за улогата на Ѓорѓи Јолевски, на филмските фестивали во Калкута и во Мадјапрадеш, во Индија.

Во филмот покрај Јолевски игра и Елизабета Клинчаревска Младеновска, а истиот е сниман во продукција на „Сан Арт“. Се работи за здружение за аудио-визуелни уметности од Скопје, основано во 2015 година од страна на Бранко Попчевски, чие долгогодишно искуство како продуцент и композитор 30+ години во индустријата, резултираше со продукција на 12 документарни филмови, над 20 музички спотови и над 20 ТВ реклами.

По катастрофа на земјата, еден човек останува сам, обидувајќи се да преживее во пустелија. Постојано се бори да најде храна, вода и засолниште, и некако успева да продолжи, од ден за ден. Но, не само телото има потреба да биде спасено. Луѓето се емотивни и социјални суштества, па затоа тој мора да се обиде да го спаси и својот ум. Како да го направи тоа во овие услови, сам на светот? Некое далечно поле со големо дрво во средината, под кое го чека убава жена, постојано му се појавува во мислите и соништата. Во најтешките моменти, му дава утеха и мотивација да продолжи понатаму.

Филмот претходно беше прикажан во официјалната селекција и на меѓународни филмски фестивали во Ванкувер, Монтреал, Лондон, Будимпешта и Загреб. Сценарист и режисер на филмот е Бранко Попчевски, продуценти се Никола Китановски и Бранко Попчевски, додека кинематографер е Никола Китановски. Монтажата е на Ивона Попчевска, костимографијата е на Раде Василев, шминката на Игор Петрески, додека музиката ја потпишува Бранко Попчевски.

Related Articles