Home » Богата програма за одбележувањето на 43.роденден на Тоше Проески

Богата програма за одбележувањето на 43.роденден на Тоше Проески

by culturalchat

Во Крушево беше одбележан роденденот на нашата и балканска голема музичка ѕвезда – Тоше Проески. Посетителите во 11:15 часот кога се родил Тоше на 25 јануари 1981 година, го посетија неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево. Имаше и торта за 43-тиот роденден на Тоше. Манифестациите се одржаа во спомен-куќата „Тодор Проески“.

„ Тоше останува со нас засекогаш. Во нашите срца и сеќавања, а бидејќи постојано се тука посетителите и неговите фанови, и не само од Македонија, Тоше е со нас. Имајќи предвид дека нагласуваме Тоше има само ден на раѓање, така и ќе биде тоа за нас и за сите негови фанови“, рече Лефкија Гажоска, директорка на спомен куќата „Тодор Проески“. Црвениот крст на Крушево спроведе крводарителска акција на која се собраа над 70 единици крв. Уметничката Светлана Зуламоска на хуманитарна изложба ги претстави своите дела – портрети на Тоше во камен, со симболичен наслов „Срце није камен“.

Младата прилепчанка Јана Мрческа го претстави својот спот со рефрените на Тоше. Се одржа и веќе традиционалниот музички перформанс „Ангел си ти“. Македонската вокалистка Ивона ЈО во придружба на нејзиниот бенд В2В, исполни десетина нумери од богатата музичка ризница на Тоше. Во неговиот спомен дом одекнаа „Тајно моја“, „Срце није камен“, „Ангел си ти“. Во Крушево пристигнаа и дел од маратонците кои секоја година, на 16 октомври го трчаат маратонот за Тоше, од Нова Градишка Хрватска до Крушево.

Спомен-куќата „Тодор Проески“ е меѓу најпосетуваните Музеи. Досега го посетиле над 1 милион гости од земјава, Балканот и од светот. Спомен-домот има 660 експонати врзани за животот и делото на Тоше Проески, главно дарувани од неговото семејство, а во моментот се изложени околу 350. Другите се чуваат во депото на Музејот и поставката се обновува со дел од нив.

Денес во Младинскиот културен центар во Крушево публиката ќе има можност да ја погледнете премиерата на документарниот филм, „Единствен – сеќавање на Тоше Проески“, чија авторка е Катарина Миловановиќ, а продукцијата е на Прва телевизија од Србија. За Тоше во филмот зборуваат градоначалникот на Општина Крушево, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Жељко Самарџиќ, Андријана Јаневска, Огнен Неделковски, Соња Алексоска, пријателите на Тоше, членови на неговиот бенд и многу други. Прикажано е неговото училиште, неговиот прв настап, неговиот последен настап, работите што ги чуваат неговите пријатели за да го паметат секогаш. Спомен-куќата на Тоше доби примерок од документарниот филм со превод на македонски.

На денот на неговото раѓање, се огласи и неговата сестра Дора, која сподели фотографија од роденденска торта со запалени свеќи, додека во позадината е фотографијата на Тоше.Проески нè напушти пред 16 години. Нашиот пејач загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

Related Articles