Home » „Зајди зајди“ во изведба на талентираниот Ајдин од БиХ пред македонскиот претседател

„Зајди зајди“ во изведба на талентираниот Ајдин од БиХ пред македонскиот претседател

by culturalchat

Претседателот Стево Пендаровски во својата резиденција, го прими 12 годишниот Ајдин Османовиќ, од Сребреник, Босна и Херцеговина, кој фасцинира со изведбите на македонски традиционални песни.

Зборувајќи за љубовта кон музиката и кон традиционалната македонска музика, Ајдин истакна дека не му е тешко да пее на македонски јазик, иако не е негов мајчин јазик. На своите солистички концерти, покрај македонски, тој пее и традиционални босански песни. Неговиот професор и ментор Јасмин Брашњиќ, кој постојано го придружува Ајдин, истакна дека важно е да се негува и да се доближи традицијата до помладата генерација.

На средбата Ајдин воодушеви пеејќи ја „Зајди Зајди“. Истакнувајќи дека волшебниот глас на Ајдин е надополнет со неговата волшебна насмевка, претседателот Пендаровски рече дека Ајдин поседува талент кој несомнено ќе му донесе големи успеси.

12 годишниот Ајдин фасцинира со изведбата на македонски традиционални песни. Меѓу омилените му се „Јано мори“, „Македонско девојче“, „Зајди Зајди“, „Јовано Јованке“.

„ Со големо задоволство изразувам искрена благодарност за времето и исклучителното признание што ни го дадовте за нашиот придонес во зачувувањето на македонското традиционално народно творештво“, стои во пораката што Јасмин Брашњиќ, професорот на Ајдин ја упати кон претседателот преку социјалните мрежи и додаде:

„ Вашиот гест не само што ни е исклучително важен и ценет, тој всушност претставува голема чест за нас, но и за целата уметничка заедница. Со малиот Ајдин се обидовме да ги оживееме тие прекрасни звуци и мелодии. Преку нашето уметничко творештво сакавме да ја пренесеме душата на македонската народна музика насекаде низ светот, привлекувајќи го вниманието на младите генерации и на тој начин поттикнувајќи ги да го ценат ова единствено културно наследство. Моето задоволство е поголемо затоа што вие како прв човек и еден од ретките навистина ја препознавте важноста од зачувување на традиционалното народно творештво.
Македонија може да се гордее со вас, бидејќи ја чувствувате и ја сфаќате традицијата како клучен аспект за зачувување на културниот идентитет на вашата убава земја.
Вашето признание создава обврска за Ајдин и мене, која со задоволство ќе ја прифатиме, преку песната да го зачуваме духот и богатото нематеријално наследство на вашиот народ, стремејќи се тоа никогаш да не биде изгубено и заборавено.

Во име на малиот Ајдин и во мое лично име, можам да ви ветам дека ќе ја продолжиме нашата мисија, по патот што го трасираат големите уметници пред нас.
Денешниот ден и вашиот гест за нас претставуваат искуство кое е тешко да се опише со зборови. Искрено ја очекувам соработката со Владата и другите релевантни институции, уметниците од вашата земја, за заедно да обезбедиме континуитет на виталноста на вашата традиционална уметност.
Ви благодариме повторно за ова извонредно признание. Горди сме што можеме да бидеме дел од зачувувањето и промовирањето на традиционалното народно творештво во вашата прекрасна земја.
Верувам дека заедно, со ваша поддршка, можеме да создадеме голема иднина за културното наследство, кое го дефинира идентитетот што ја прави Македонија единствена на европскиот континент“.

Ова е втора посета на Ајдин на нашата земја. Во мај годинава, тој имаше солистички концерт во Крива Паланка. Сега престојува во државата, повторно на покана на градоначалникот Сашко Митовски, а поводот е одлуката на општина Крива Паланка да се збратими со Сребреник, родниот град на талентираниот Ајдин Османовиќ.

Related Articles