Home » Изложбата Македонија на бразилските уметници Частинет и Нето презентирана во Битола

Изложбата Македонија на бразилските уметници Частинет и Нето презентирана во Битола

by culturalchat
После Бразилија, Форталеза, Софија, Скопје и други места, изложбата со наслов „Македонија“ пристигна и во Битола. Имено изложбата на авторите од Бразил Вилсон Нето и Даниел Частинет, кои беа дел од ликовната колонија „Де Ниро“, беше поставена во Источната галерија во Офицерскиот дом. Имено се работи за ревија на дела на уметниците кои ги пренесоа на платно чувствата и искуствата од размената одржана во 2019 година, во Македонија, „европски бисер кој се крие на Балканот“, како што тие често истакнуваат. Изложбата е дел од меѓународна програма во КИЦ Битола, реализирана во соработка со меѓународната ликовна колонија “Де Ниро“ и семејството Филевски.Присутните ги поздрави диркеторката на КИЦ. Лили Бошевска, која истакна дека двајцата уметници испирирани од убавините на нашата земја Македонија направија еден ваков поглед врз неа преку изложбата. За изложбата зборуваше и ликовниот критичар Владо Ѓорески. Проектот „Македонија“ започна во јуни 2019 година со покана за двајцата уметници да учествуваат во Меѓународната колонија „Де Ниро“, проект на културна размена во Битола. Во повратниот багаж Даниел Частинет и Вилсон Нето донесоа фотографии, скици и цртежи во форма на тетратки за уметници – материјални и нематеријални записи кои на некој начин беа интернализирани во душата. Уметниците  по посетата на Битола во 2019 тата година, своите впечатоци, искуства и спомени, се одлучија да ги преточат во уметнички дела. Имено уметниците беа дел од ликовната колонија „Де Ниро“ и воодушевени од гостопримливоста на домаќините, на Драги Филевски и неговото семејство, како што ни изјавија, сакаа да ја покажат нивната благодарност и нивните емоции преку создавањето на ликовните дела. Оваа културна размена се издвои по својот пионерски дух, бидејќи за прв пат јужноамерикански уметници учествуваа во ваков проект во Македонија. Тоа беа денови на интензивна размена на знаења, практики, методи и уметнички искуства. Идејата била да се истражат точките на усогласеност помеѓу визуелните наративи на уметниците и релевантноста на Македонија како еден од центрите на мултикултурализмот на Балканот, кој во последните децении ја воспостави својата културна, економска и политичка независност, издвојувајќи се на меѓународно ниво и беше призната за нејзината уникатност. На изложбата во Битола основавачот на ликовната колонија “Де Ниро“, Драги Филевски, кој и ги обезбеди овие дела да бидат тука, во Битола, изјави: „Ова е прв заеднични проект на колонијата и КИЦ “Битола“ и се надевам дек ќе продолжиме. Уметниците преку нивните слики ни кажаа колку е убава нашата земја“. На изложбата беше присутен и градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој од Силвана Филевска доби подарок слика од уметниците во знак на благодарност која Општина Битола и ја дава на колонијара “Де Ниро“. „Тоа е магично место, за мене посетата на Преспанското Езеро, боите на зајдисонцето на езерото, розовото небо го обзема погледот. И патувајќи ноќе од Скопје до Битола и гледајќи ги планините на темното небо, такви убави зелени и виолетови бои никогаш нема да ги заборавам”. “Секогаш кога имам можност разговарам со другите за Македонија. Навистина ми недостасуваат македонските вина, вкусните сирења, сочни домати, љубезни и весели лица, прекрасни пејсажи и топло гостопримство. Би сакал да се вратам и да ги однесам таму и да ги видам моите пријатели како маѓепсани со вашата земја како и јас“. Ова се само дел од впечатоците на уметниците Вилсон Нето и Даниел Частинет, кои ни ги пренесоа пред самата изложба. Изложбата „Македонија“ е разговор меѓу два света, покана за приближување и поместување на границите меѓу местата и културите, изложба што го слави пријателството.

Related Articles