Home » КУД Илинден со награда на Меѓународниот фестивал во Албанија

КУД Илинден со награда на Меѓународниот фестивал во Албанија

by culturalchat

Во Корча се одржа 5-то издание на Меѓународниот фестивал „Духот на Балканот“ (Balkan Spirit),  кој понуди прекрасна атмосфера во театарот „Андон Зако Чајупи“. Балканската традиција на карактеристична облека, песна и ора обедини групи од Албанија, Македонија, Босна Херцеговина и Грција.

Со изведби на нивните кореографии, домашните и странските уметници се обединија за да ја пренесат нивната богата култура и традиција. Помеѓу земјите учеснички, КУД Илинден Битола ја освои наградата “Највисоко уметничко ниво” (Hugh artistic level), освен тоа доби и благодарница и признание за учество.

Фолклорните групи учесници на фестивалот, го одржаа и дефилето низ улиците на Корча, претставувајќи ги своите носии. Изведувајќи традиционални танци, песни и свирејќи на традиционалните инструменти, го претворија плоштадот кај стариот пазар во Корча, во центар на „Балканскиот дух“.

Директорката на културниот центар на Корча, Блерта Балиу истакна дека фестивалот е создаден пред четири години и има за цел да ја обедини уметноста на целиот Балкан затоа што сме толку многу слични едни на други.

КУД.Илинден се амбасадори на македонскиот фолклор и традиција насекаде низ светот, добитници се на престижни награди и признанија, меѓу кои Гран при во Монт Дор Франција, прво место на еден од најреномираните фолклорни фестивали во светот, Велика Британија, како и највисокото признание на Битола-наградата 4 ти ноември и други.

Во далечната 1955 година официјално е земено името Илинден за ова друштво, иако како фолклорна група постои и неколку години пред тоа. КУД Илинден во текот на своето постоење, ги освои сите светски меридијани и светски сцени, пренесувајќи го македонскиот фолклор. Илинден е изворот од кој се пие првата голтка љубов кон народната култура. Секоја година КУД. Илинден бележи од 40 до 100 настапи. Карактеристична е богата колекција на оригинални носии. Ова културно уметничко друштво , повеќе децении ја изучува и оживува македонската фолклорна традиција, чувар на традицијата и амбасадор на битолската и македонската народна култура ширум светот.

Низ сите тие години светот се менуваше околу нас, но Илинден секогаш го чувал највредното, македонската традиција.

Related Articles