Home » „Магбет“ го отвори 9.издание на Битола Шекспир фестивалот

„Магбет“ го отвори 9.издание на Битола Шекспир фестивалот

by culturalchat

Со изведбата на претставата “Магбет“ од Српскиот народен театар во Нови Сад, на сцената “Благој Стефановски – Баге“ во Народниот театар во Битола, официјално започна 9. по ред издание на Битола Шекспир фестивал кој го организира Битолскиот театар.Годинешното издание се одржува под мотото “Судбината за играчка ме има“, а на отворањето присуствуваа голем број на битолчани, љубители на театарот.

„Магбет“ од Вилијам Шекспир, е во режија и адаптација на Никита Миливојевиќ, кореографија/ музика на Амалија Бенет, сценографија на Никита Миливојевиќ/ Жељко Пишкориќ, а костимите се на Јелена Стокуча.

„Магбет“, кратката и жестока, кошмарна трагедија на Шекспир од последната фаза на неговото творештво, режисерот Никита Миливојевиќ ја поставува во необично интензивен, сонлив, визуелно, кореографски и музички впечатлив облик.

За Миливојевиќ велат дека е можеби еден од најголемите познавачи на делото на Шекспир. Според него, тоа е ново читање на таа драма, преку соништата, всушност кошмарни соништа. Реално и нереално, возможно и невозможно, реално и фиктивно, публиката на Шекспир фестивалот беше вовлечена во своевидниот кошмар на Магбет.

„Магбет“ е исклучително сложена претстава на Шекспир која ја раскажува приказната за трагедијата на амбициозноста и желбата за моќ, но режисерот Никита Миливојевиќ, кој работеше и на адаптацијата на делото, сметаше дека тоа не е доволно, дека Магбет е повеќе од тоа, и тој го стави акцентот на Магбет од соништата.На сцената се испреплетуваат три Магбети во интерпретација на Бранислав Јерковиќ, Понго Габор и Арпад Месарош, како и пет Лејди Магбети кои брилијантно го комплетираа кошмарот – Аница Петровиќ, Невена Неранџиќ, Ивана Панчиќ Добродолац, Маја Стојановиќ, Јелена С.Во претставата играат уште Дејан Ѓоновиќ, Марко Марковиќ, Милан Зариќ. Магбет е создаден во копродукција на пет театри: Градскиот театар во Будва, Српскиот народен театар, Драмскиот театар во Белград, уметничкиот центар ИТАКА  и Újvidéki Színház (Новосадскиот театар).Вториот ден на програмата беше документарниот филм, ретроспектива “Во чест на великанот Шекспир“ од Лилјана Спировска.

Годинешниот „Битола Шекспир фестивал“ ќе се одвива во два дела. Во наредните денови програмата продолжува на 25. јуни кога Скопскиот танцов театар ќе ја изведе претставата “Леди Магбет“ во режија на Рисима Рисимкин. На годинешното издание ќе гостуваат и студентите по актерска игра на Универзитетот Еуропа Прима. Под менторство на професорот Дејан Пројковски тие на 26 јуни ви 20 часот ќе ја одиграат претставата “Шекспир караоке реквием“.

На 28 јуни во периодот од 12 до 14 часот ќе се одржи работилницата за деца „Шекспир -Мекспри, изводење по Шекспир“ со драматургот Билјана Крајчевска.

Фестивалот ќе се затвори на 29 јуни со концерт на гостите Мариа Жуао и „Електрик квартет“, Португалија, а ќе гостуваат Огнен Дранговски, Славчо Јовев и музичари од Камерниот оркестар на Битола.

Вториот дел од фестивалот ќе се одржи во месец октомври, кога ќе бидат изведени претставите „Хамлет“ во режија на Бранко Брезовец, а во продукција на театарот „Војдан Черондрински“- Прилеп и претставата „Денот на убиствата во историјата на Хамлет“, во режија на Марјан Неќак, продукција на НУ Народен театар-Битола.

 

Related Articles