Home » Одбележан Денот на пијаното од Државното музичко училиште од Битола

Одбележан Денот на пијаното од Државното музичко училиште од Битола

by culturalchat
Во свечената сала на Офицерскиот дом, целодневен бесплатен пијанистички маратон одржаа учениците на едно од најстарите музички училишта на Балканот, Државното музичко училиште од Битола.
Поводот беше денот кој го слави пијаното како инструмент, а акустичната сала и концертниот клавир беа совршен амбиент за овој целодневен музички настан.
Младите талентирани пијанисти на три големи концерти ја покажаа убавината на овој инструмент.
„Ако треба да се набројат најголемите изуми на човештвото, покрај тркалото и космичкиот брод не смее да се изостави пијаното. Совршен – не механизам туку организам во кој хармонично се спојуваат сложената механика и инженерното пресметување, усогласеноста на материјалите, цврстината и приземноста, но истовремено и полетноста. Капакот мора да е отворен – тогаш тој, наликувајќи на едро ли, крило ли, ја ослободува душата на пијаното, неговиот глас, интимен, како за салони, моќен, како за големи концертни сали и отворени простори. Светот на пијаното е сеопфатен и безграничен: највозвишените дела на Бетовен, најбравурозните на Лист, најрафинираните на Шопен, најколористичните на Дебиси, најмоќните на Рахманинов и на други исклучителни гении кои пишувале за пијаното го сочинуваат немерливото богатство на човештвото.
Прославувајќи го денот на пијаното со музиката за пијано, да се сетиме на изумителите на ова ремек дело, на мајсторите кои го градат, на штимерите кои го одржуваат во форма, на композиторите кои создаваат за него, на големите пијанистички имиња кои го оживуваат, на публиката која ужива во неговиот звук, на наставниците и учениците кои ја продолжуваат традицијата и откриваат нови патеки во бескрајот на пијаното и пијанизмот„ напиша во писмото Проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја од Факултетот за музичка уметност во чест на настанот во Битола.
Државното музичко училиште во Битола постои 76 години, а пијано класата брои 21 наставник. Стотици врвни пијанисти поминале низ клупите на ова училиште.
„Државното музичко училиште, од кое потекнуваат бројни звучни имиња во светот на музиката со овој настан обезбеди уште еден начин младите пијанисти да ги покажат своите таленти. Настанот е и потсетник за моќта на музиката која ги зближува луѓето создавајќи чувство на заедница. Со вакви настани, јасно е дека пијаното ќе продолжи да биде сакан инструмент што ќе ги инспирира генерациите музичари што доаѓаат„- изјави Татјана Божиновска, пијанист и професор во ДМУ.

Related Articles