Home » „Марика мома убава“ на Зографски изведена по повод одбележување 90 години од неговото раѓање

„Марика мома убава“ на Зографски изведена по повод одбележување 90 години од неговото раѓање

by culturalchat

Оркестарската верзија на Македонисимо, дел од македонската и балканската премиера, беше претставена во Македонската филхармонија, а на сцена ја пренесоа квинтетот на Симон Трпчески со оркестарот АЈГА и диригентката Ана Спасовска. Дел од композициите македонскиот пијанист ги посвети на своите професори, меѓу кои на Томислав Зографски, ја потсети публиката на Горан Стефановски и важноста на тоа да се потсетуваме и да се сеќаваме на големите луѓе од земјава. Една од композициите беше „Марика мома убава“ на Зографски, која беше изведена по повод 90 години од раѓањето на композиторот.

Гости солисти на концертот беа Александар Краповски, на виолина со своите емотивни изведби, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, гостинот од Бугарија, Александар Димитров, како и Влатко Нушев на удиралки и тапани. Меѓу гостите беше и виолинистот Владимир Крстев.Зографски, израснал во семејство со длабока уметничка традиција. Фасцинацијата од музиката придонесува паралелно со основното образование да учи пијано и виолончело, а во 1947 година да се запише како редовен ученик во музичкото училиште. Уште во текот на студирањето Зографски работел еден период во Радио Скопје, потоа како наставник во Средното музичко училиште, а од 1967 година до својата смрт бил професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од неговата композиторска класа излегле автори што денес се носители на творештвото во Македонија, па и низ Европа (Димитрије Бужаровски, Живојин Глишиќ, Јана Андреевска, Никола Коџабашија, Мирослав Спасов, Панде Шахов, Евдокија Данајловска и др.). Бил декан (директор) на Факултетот (тогаш Висока музичка школа) во 1970/71 година и во 1977-1979 година.Тој беше еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика. Во својата прва творечка етапа, под влијание на С. Прокофјев и И. Стравински, прв во македонската музика внел елементи на музичкиот неокласицизам. Во понатамошниот композиторски развој, тој прифатил помодерен начин на музичко изразување, барајќи сопствен израз во актуелните музички струења, но задржувајќи, во трансформиран вид, и елементи од претходниот период. Во вокално-инструменталните дела од овој период, карактеристично е обраќањето на авторот кон македонската световна и духовна музичка традиција, како извор на творечка инспирација. Освен доминантниот неокласицизам, во неговото творештво постојана нишка е и фолклорот, но употребен, применет, обработен на нему својствен начин (меѓу другото, и со одбегнување на сѐприсутните нерамноделни тактови). Во неговите над 140 дела се содржани речиси сите форми и жанрови на класичната музика.

Related Articles