Home » Награда на филмската критика за „Кајмак“ на Манчевски

Награда на филмската критика за „Кајмак“ на Манчевски

by culturalchat

Филмот “Кајмак” на македонскиot режисер, Милчо Манчевски, освои Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот). Наградата беше доделена на свеченостa при затворањето на меѓународниот Фестивал Херцег Нови Монтенегро. На истата, покрај режисерот Манчевски, присуствуваа и актерите од филмот Александар Микиќ и Ана Стојановска.

“Филмови не се прават за награди, ама вакво признание е потврда за вложениот труд и талент на целата екипа”, изјави режисерот Манчевски.

Неодамна се појави нова рецензија за “Кајмак” во американските медиуми. “Муви гурме” вели за овој македонски филм: „Манчевски вградува повеќе значење во Кајмак отколку што би имало во една обична секси лудорија, истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата… Сите улоги во Кајмак се одлични… Ликовите имаат многу секс – ем радосно откачен, ем грешен до наежување… Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети вестерните на Серџо Леоне“.

Паралелно, „Кајмак“ ја имаше и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот Синеквест во Калифорнија. Синеквест е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Во почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.

Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген. „Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек. „Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Тој ја освои и Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година. Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.

Related Articles