Home » Награден филмот на Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, кој е копродукција со Македонија

Награден филмот на Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, кој е копродукција со Македонија

by culturalchat

На најголемиот европски отворен филмски фестивал во Локарно, Швајцарија, пред речиси 8.000 гледачи премиерно беше прикажан новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“. Во Србија е познат и како „Српскиот Опенхајмер“. Се работи за инцидент со радијација во 1950-те во југословенскиот Нуклеарен институт Винча.

Филмот ја освои наградата „Пардо верде“ за која се квалификуваат сите филмови прикажани на фестивалот што на публиката ѝ нудат нови интерпретации кои инспирираат промени во свеста за иднина која ќе има поголема одржливост, а освен оваа  награда ја освои и Variety Piazza Grande Award.

Филмот е поддржан од Еуримаж е е копродукција меѓу Србија, Словенија, Црна Гора и Македонија, односно, Кобра Филм и Тон Филм од Србија, Перфо Словенија, Битер Фрејмс Црна Гора и Скопје Филм Студио од Македонија.

Агенцијата за филм на нашата држава го поддржа филмот на конкурсот во 2016.

Филмот на Бјелогрлиќ се прикажуваше на програмата Пјаца Гранде во најголемото кино на отворено во центарот на Локарно. „Критична зона“ на иранскиот режисер Али Ахмаџадех победи во главната конкуренција за награди. Го сними без дозвола на властите во Иран и беше опишан како еден вид на химна на слободата и отпорот во земјата. Поради тоа иранските власти го забранија и се обидоа да го спречат да се прикаже во Локарно.

Специјална награда на жирито освои романскиот „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на Раду Жуде. Во насловните улоги на филмот „Чувари на формулата“ се :Радивој Раша Буквиќ, како и познатите француски актери Алексис Маненти, Оливие Бартелеми и Ана Сара. Директорот на институтот „Винча“, Павел Савиќ, го игра Предраг Мики Манојловиќ, а шефот на државната безбедност на СФРЈ, Лека Ранковиќ, Драган Бјелогрлиќ. Улогите на млади југословенски научници режисерот им ги додели на Јован Јовановиќ, Алиса Радаковиќ и Огњен Миќовиќ.

Авторскиот тим, предводен од Бјелогрлиќ како режисер, го сочинуваат директорот на фотографија Иван Костиќ, монтажерката Милена Предиќ, сценографите Јелена Шопиќ и Јована Цветковиќ, костимографот Марина Вукасовиќ Меденица, композиторот Александар Ранѓеловиќ, а потпис на извршната продукција е Горанје Блогиќ.

На црвениот тепих прошета филмската екипа предводена од режисерот, како и француските актерски ѕвезди Алексис Маненти и Ана Сера. На премиерата присуствуваше и професорот Горан Милашиновиќ, автор на романот „Случајот Винча“, според кој сценаристот Вук Ршумовиќ ја адаптираше оваа филмска приказна. Филмот како дел од престижната програма „Пјака Гранде“ е и прв балкански филм кој беше прикажан во селекцијата на овој дел од фестивалската програма во Локарно.

„Премиерата беше голем настан, не само за нас, авторите на филмот, туку и за српската кинематографија воопшто. За прв пат во најголемото кино на отворено пред 8.000 луѓе беше прикажан филм од нашите простори. Според реакциите на публиката, според тоа како го следеле и дишеле со филмот, мислам дека со многу оптимизам можеме да се надеваме дека оваа заборавена приказна од нашата, но и светска историја, ќе си го најде патот до публиката околу светот, и јас сум многу среќен поради тоа“,  изјави Драган Бјелогрлиќ.

По премиерата во Локарно, „Чувари на формулата“ ќе биде прикажан на 15. август како дел од главната програма на 29. Сараевски филмски фестивал.

Специјално за новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, креативната музичка синергија ја обединија Ана Ѓуриќ Констракта и словенечкиот кантавтор Роберт Пешут Мањифико, кои заедно ја потпишаа песната „Пат“(Пут). Оваа песна е специјално направена за потребите на филмот и публиката првпат ја слушна на фестивалот во Локарно.

Related Articles