Home » Предавање на д-р Сашко Кедев за искачените 8 врвови над 8000 метри, во Битола

Предавање на д-р Сашко Кедев за искачените 8 врвови над 8000 метри, во Битола

by culturalchat

Во Кристалната сала на Офицерскиот дом-КИЦ Битола, се случи величенствен спортско-културен настан, кој ја исполни салата и срцата на присутните со возбуда, восхит и возвишеност. Токму таков личен голем подвиг, сподели со присутните еден од најголемите македонски планинари, проф. д-р Сашко Кедев, презентирајќи ги осумте врвови над 8000 м надморска висина.

На самиот почеток , д-р Кедев, изразувајќи благодарност на присутните и организаторите ПСК Пелистер и КИЦ Битола, рече дека од секогаш ја сакал Битола и многу ги ценел битолчани бидејќи од тука потекнуваат корените на македонското планинарство и алпинизам уште од 1989, првата македонска експедиција на Еверест кога и загина битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, симбол на битолскиот и македонскиот алпинизам.

Најголемата привилегија на еден планинар претставува искачувањето на некој врв. Велат тоа не е освојување, туку искачување,  поврзување на нашето битие со најчистата творевина на природата. Последниот подвиг во планинарството на Кедев е во 2023 година која ја заокружи со искачување на 3 врвови над 8000 метри надморска височина, односно за 8 години вкупно 8 искачени, од планирани 14. Кедев истакна дека нема точна дефиниција за тоа како се подготвувал за овој подвиг. Појасни дека, само доколку се одржува континуитетот на хармонија помеѓу телото и умот тогаш тоа е единствената подготовка за искачување на врвови од ваков тип.

Зоната на смртта според познавачите на приликите е местото од околу 7600-8000 метри надморска висина, точка каде природата ти ја покажува моќта над тебе,  границите што се лимитирани за човечкиот организам. Битола е местото каде Кедев често ги споделува искуствата од своите планинарски подвизи. Настанот беше во организација на планинарскиот клуб Пелистер со поддршка на Општина Битола.

Во текот на презентацијата д-р Сашко Кедев на публиката и понуди интересни случувања и анегдоти, користејќи и имиња на шерпаси и водичи како и легендарни планинари кои веќе не се меѓу нас. Неспоредливо искуство и дело за почит. Во преполната сала беа присутни бројни планинари, јавни личности, граѓани кои по презентацијата споделија свои искуства, фотографии за планинарските искуства, сеќавања за настани и личности и следни предизвици.

Related Articles