Home » Предавање на проф. д-р Гордана Алексова на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

Предавање на проф. д-р Гордана Алексова на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

by culturalchat

Во периодот од 17.04. до 24.04. проф. д-р Гордана Алексова, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, ќе одржи шест часа на две теми од областа на македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Проф. Алексова својата работна посета ја остварува преку мрежата Словенска филологија и нејзиниот културен контекст на програмата за мобилност CEEPUS, како гостин предавач на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта. Во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија, проф. д-р Гордана Алексова го одржа своето прво предавање на тема: ДА-конструкција во македонскиот јазик – граматички и стилистички карактеристики пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија. Пред почетокот на предавањето директорот на институтот проф. д-р Роберт Киш-Семан ѝ посака срдечно добредојде и успешна работа на професорката Гордана.

„Задоволството е големо од моја страна што можам да посетам едно место каде македонскиот јазик во една средина каде доминира друг јазик се изучува и се зборува. Ми беше задоволство што во ходниците можев да слушнам студенти кои зборуваа македонски, за тоа сме му благодарни пред се на колегата Златко Панзов“, истакна професорката д-р Гордана Алексова.

Запрашавме од какво значење се ваквите предавања посебно за странските студенти кои го изучуваат македонскиот јазик.

„Независно дали тие го разбираат тоа што јас го зборував на предавањето, доста се значајни ваквите предавања. Прво секогаш е важно во наставата за кој и да е странски јазик, да се стават слушателите во позиција да слушаат родени зборувачи. Ако има интеракција тогаш е уште подобро, но секогаш е добро прво да се слуша јазикот и да се види, да се читаат содржините истовремено. Средбата на овие слушатели со содржини од лингвистиката, од литературата, се нешто што е големо дополнување, надградба на тоа што тие го работат во текот на часовите. Независно дали тие ја разбраа лингвистичката тежина на содржината за „Да конструкцијата“, не е толку важно колку што е важно дека беа на предавањето, се сретнаа, слушаа за Конески, слушаа за неговата проза“.Оваа година се одбележуваат 36 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Посебно е зголемен интересот и видливоста на Лекторатот со доаѓањето на Златко Панзов како лектор по македонски јазик, познат во унгарската книжевна и културна средина како преведувач на унгарска литература на македонски јазик, промотор на унгарската култура во Македонија и врска меѓу двата народа.

„ Оваа културна дипломатија си ја извршува работата на високо ниво. Тоа што го прават лекторите по македонски јазик во странство, што го прави Меѓународниот семинар за македонски јазик е од огромно значење и сите ние не сме свесни со каква геометриска прогресија се шират тие информации што и само еден да е слушател, на некое предавање или било каква содржина, ќе ги пренесе на повеќе луѓе, е значајно. Тоа е голема мрежа што се прави посебно што нашиот лектор Панзов тоа го прави со една исклучителна срдечност и една сосема потребна поврзаност со студентите, затоа што лекторот не може да биде надмен. Неговата величина се гледа по тоа колку студентите во еден семестар ќе прозборат македонски и ќе почнат и да пеат на македонски, ќе знаат да одговорат некому на македонски, да прашаат и да набројат неколку македонски песни“, додава проф. Алексова.На 23.04. (вторник) проф. Алексова ќе одржи уште едно предавање на тема: Интеркултурните компетенции на учебниците по македонски јазик – теоретски и практичен преглед. По договор со студентите на Лекторатот по македонски јазик ќе одржи и предавање за Видови предмет во македонскиот јазик, тема која им задава потешкотии во совладувањето на македонскиот јазик.

 

Related Articles