Изложбата „Војна на ѕвездите и Македониум“ на Зоран Кардула во Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп предизвика огромен интерес кај публиката на отворањето.
Вечерта на интерактивна трансформација, музичка инспирација, интергалактичка дискусија и мини-гастрономска модификација се одржи во просториите на ЦСЛУ-Прилеп, на 10ти Октомври.
На истата Зоран Кардула беше прогласен за прв витез на културата на ЦСЛУ за 2022 година.
![](https://www.culturalchat.org/wp-content/uploads/2022/10/IMG_9894-1024x576.jpg)
„Витештво за култура се доделува за видни, поривни достигнувања во матичната дисциплина инкорпорирани во сродни, навидум неспоиви уметнички текови, а бидува при тоа и тивок навидум, јасен коментатор на општествено социјалните случувања во прилог на нови дострели, децентрализација на уметноста и заштита на локалното делување“, стои во прогласот за доделување на витешкиот медал.
![](https://www.culturalchat.org/wp-content/uploads/2022/10/IMG_9895-1024x576.jpg)
Сите вљубеници на серијата „Војна на ѕвездите“, уживаа во современите уметнички дела на Кардула пренесувајќи трансвременска енергија споена со современиот македонски симбол во Крушево, споменикот Македониум.
„ Зоран Кардула не е само еден од најпозитивните современи македонски артисти, тој е дигитален архивар, дигитален патописец или на крушевски кажано – касела, од чија што работилница излегуваат работи кои што се многу важни за она што го нарекуваме заедничка колективна меморија на локалната заедница, која што е многу важна за колективната културна меморија. Има неколку работи зошто мислам дека Кардула е заеднички уметнички артист архивар. Тој преку тоа што го работи не’ потсетува дека вчера на пример е роден Михајло Пупин, кој е тој, која е Милена Дравиќ…Тој ги доближува, ги реактуелизира хероите од времето на Југославија, асномската Македонија, како што се Вера Ацева, Елпида Караманди, 18 жени учеснички во Шпанската граѓанска војна, жените од Дахау, и тој многу такви моменти заштитува од заборав “ посочи Звонко Димоски, уметнички критичар и модератор на настанот.
![](https://www.culturalchat.org/wp-content/uploads/2022/10/IMG_9893-1024x576.jpg)
„ Адмирал Акбар, овој пат не е во право, ова не е стапица и империјата навистина го возвраќа ударот, бидејќи силата е во слогата на локалната заедница“, истакнаа од Центарот.
За силата да остане со нас, освен ЦСЛУ-Прилеп и витезот Кардула, се потрудија и Orengs со холограмите, Александар Џинго, Звонко Димоски, дуото ВолЧело, Трет Сектор и бродовите на Бавчика.
![](https://www.culturalchat.org/wp-content/uploads/2022/10/IMG_9886.jpg)
![](https://www.culturalchat.org/wp-content/uploads/2022/10/IMG_9885.jpg)
![](https://www.culturalchat.org/wp-content/uploads/2022/10/IMG_9884.jpg)