Home » Промовиран првиот број на списанието за студентски истражувања Нови хоризонти

Промовиран првиот број на списанието за студентски истражувања Нови хоризонти

by culturalchat

Универзитетот “Св. Климент Охридски”- Битола го издаде првиот број на  Нови  хоризонти –  списание за  студентски истражувања. Првиот број на списанието е колекција  од шест истражувачки трудови од различни дисциплини, чии автори се студенти од УКЛО во соработка со нивните ментори.

Истражувачките трудови се избрани како најквалитетни  според определени критериуми за вреднување и нивно презентирање на  Универзитетската студентска конференција. Објавените  авторски дела во првиот број на списанието Нови Хоризонти третираат разнообразни теми, од урбан развој и медицина до лингвистика и технологија.  Секој студентски труд нуди единствена  и по многу нешта авангардна перспектива својствена на младите луѓе и дава нов придонес во разбирање на светот околу нас.

По повод публикувањето на Нови хоризонти како специјализирано списание за студентски истражувања, УКЛО ја истакнува неговата уникатност.  Тоа е  засега единствена публикација во Македонија посветена на студентските истражувања и воедно има пионерска амбиција во промовирањето и афирмирањето на студентското истражување. Ректорот, проф. д-р  Игор Неделковски со големо задоволство истакнува дека списанието како прво од ваков вид во Македонија  на УКЛО му дава голема причина за гордост.

Главниот и одговорен уредник на научното списание Хоризонти и Нови Хоризонти, проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, посочува дека признанието за достигнувањата на  студентите истражувачи се однесува и на менторите, кои ги воделе и инспирирале на  истражувачкиот пат.  Нивната непоколеблива поддршка и експертиза во обликувањето на  истражувачките потфати е фундаментална за негување на следната генерација на научници и иноватори. Со новото студентско списание,  Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја потврдува својата посветеност кон студентите, истражувањето и подобрување на целата заедница.

УКЛО смета дека списанието Нови Хоризонти  ќе овозможи откривање на новите хоризонти во студентското истражување.

Related Articles