Home » Промоција на две нови книги на писателката Билјана Андоновска

Промоција на две нови книги на писателката Билјана Андоновска

by culturalchat

После промоцијата на книгите, биографијата на преподобниот Јоаникиј Ракотински” Со вера и трпение, до чудесни исцеленија” и поетската збирка “Каде е Бог?”, писателката Билјана Андоновска најавува промоција на две нови книги. Па така „ Славете го Господа“ и „ Светогорецот“ ќе бидат промовирани во Бигорскиот манастир на 01.04 од 12 часот. Повеќе за самите книги од разговорот со Андоновска.

Првата книга која ќе биде промовирана е „Славете го Господа“. Кажете ни нешто повеќе за истата.

 Б.А.- „Славете го Господа“ е збирка поезија наменета за читателите кои трагаат по духовна радост. Тема е човекот со сите маки, страдања, болки. Убавите луѓе кои се како светилници сред темнината која се повеќе ја има во овој  за жал богоотпаднат свет. Стихови кои вдахнуваат надеж дека преку верата тагата може да ја претвориме во радост.

Која е Вашата порака до читателите преку книгата?

 Б.А.- Мојата порака која сакам да им ја пратам на читателите преку овие стихови е дека никогаш не се сами. Дека Бог е секогаш на нивна страна. И дека секогаш сред најголемите болки и таги се пројавува Божјата сила.  Духовната радост ја заслужува секој од нас. Да научат дека ако даваат љубов ќе ја имаат уште повеќе. И дека духовните радости се зголемуваат кога ги споделуваме.

Да проговориме и за втората книга „Светогорецот“.Од каде идејата зa оваа книга?

Б.А.- „Светогорецот“ е роман за Св. Гаврил Епископ Велички. Мојата цел е преку овој роман да им го доближам светителот на читателите. Сметам дека за разлика од другите православни држави, кај нас е многу мал бројот на луѓето кои знаат дека и ние имаме светители, дека и кај нас се случуваат чуда и дека треба секој од нас да придонесе кон прослава на овие светители и да ја почувствува нивната закрила. Многу сум среќна што минатиот роман посветен на Св. Јоаникиј Ракотински допре до многу луѓе кои секојдневно ми пишуваат за радоста која ја почувствувале запознавајќи го овој наш светител. Тоа ми беше мотив да го напишам и овој роман. И секако недостатокот од ваков вид литература во нашата држава.

Какви истражувања направивте за животот на Светиот Гаврил и од каде користевте материјали?

Б.А.- Прво ги проучував општествените прилики во тоа време, местата во кои престојувал Св. Гаврил, но најмногу се задржав на неговите прекрасни пишани дела кои најмногу ме приближија кон него и неговите емоции. Ми помогнаа и луѓе кои лично го познавале светителот.

И претходната промоција на Вашите книги беше во Бигорскиот. Зошто го одбравте и овој пат ова свето место? Имавте ли нивна поддршка и помош за материјалите за книгите? Дали токму мирот и тишината во овие свети места придонесуваат кон Вашата инспирација за книгите?

Б.А.- Бигорскиот манастир е место каде јас духовно се изградувам.  Имам голема среќа што мој духовник е Старец и Епископ Партениј Бигорски, кој всушност е духовник познат и почитуван низ целиот православен свет. Сите мои дела се резултат на неговата духовна поткрепа, и на останатиот дел од братството и сестринствата кои се под негово духовно раководство. Затоа околу изборот на место каде би се одржала  промоцијата немав дилема.

Во овие времиња кога имаме војна, лоши работи се случуваат околу нас, која би била Вашата порака кон читателите, како да си го сочуваат нивниот внатрешен мир?

Б.А.- Мојата порака нека биде пораката од големиот светител Св. Серафим Саровски:

“Смири се и илјадници околу тебе ќе се спасат.”

Кога човек го има смирението, ќе има мир во себе, а оној кој го има тој внатрешен мир и вера секогаш победува. Време е човекот да се сврти кон Бога и кон вистинските вредности.

 

Related Articles