Home » Промоција на најновата книга на Лили Бошевска „Самовилата со скршени крилја“

Промоција на најновата книга на Лили Бошевска „Самовилата со скршени крилја“

by culturalchat

„Самовилата со скршени крилја“ е најновата книга на Лили Бошевска чија промоција се одржа во Битола. Промотор на книгата беше Биљана Т. Димко, а делови од книгата интерпретираше Веда Мавровска.  Рецензијата на книгата ја потпиша писателот Добре Тодоровски, авторот на „Касијана“. Книгата излезе од печат 2021 година, а промоцијата се одржа сега.

За ова авторката за Читај бе,  вели:

„ Затоа што никогаш не е доцна да се промовира одлично четиво, како што стои во насловот – елегантен и слоевит наратив или едноставност во изразот која ја допира длабочината на секоја душа која си го бара идентитетот по светот“.

Во 110 страници е  раскажан животот, или вечната борба меѓу темната и светлата страна на постоењето, кои доколку би ги немало, нема да може воопшто да се забележи  убавината на божествената моќ, светлината на Сонцето, топлината на љубовта, бистрината на водата, вели Бошевска.

„Најтешка самовилска казна беше, кршење на крилјата. Таа казна се изрекуваше за онаа самовила која ќе му помогне и ќе заштити човечко суштество кое е осудено од самовилите за нарушувањето на нивниот простор и слобода“, се вели во книгата.

Бошевска е научник, писател, поет и директорка на КИЦ Офицерски дом Битола.

Магистрирала во 2004 год на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје Р. Македонија, Институт за социолошки и политичко- правни истражувања; Постдипломски студии по кадровски менаџмент. Докторирала во 2013 година, на Универзитетот „Св, Климент Охридски“- Битола со докторската дисертација: Модел за стратегиско менаџирање за континуирано подобрување на успешноста на организацијата со користење на соодветни форми на комуникација и односи со јавноста.

Креирала и реализирала бројни обуки и консултантство во образование и бизнис сферата, во повеќе релевантни проекти и институции (Фонд за развој на човечки ресурси- Скопје, Агенција за развој на претприемништво АППРМ-Скопје, УСАИД, Технички факултет-Битола, Факултет на Југоисточна Европа ЈИЕУ-Тетово, ИОМ-Скопје, ФОН-Скопје ). Добитник е на Националната награда „Павлина Цунева Маказлиева“ за Најдобар библиотекар 2019. Член е на Македонското научно друштво.

Паралелно со сите професионални и животни активности и ангажмани, се занимава со литературно творештво, претежно поезија. Учествува на поетски фестивали во земјата и странство. Застапена е во повеќе домашни и меѓународни зборници, избори и антологии на поезија и проза. Автор е на поетските збирки: „Сенки во љубовта“, „Исповеди и екстази“ и „Алхемија на вечната земја“, како и на едукативната книга за деца: „Од приказна до драматизација и театар на сенки: Кокиченце девојченце“. Покрај пишување на поезија, Бошевска е автор на голем број стручни и научни дела и трудови од областа на менаџмент, образование и библиотекарство.

Промоцијата се одржа на вториот роденден на Книжарницата Book’s House .

Фотографии: Приватна архива и портал Читај бе.

Related Articles