Home » Ретроспектива на филмови „Великаните на Браќа Манаки“ и во Битола

Ретроспектива на филмови „Великаните на Браќа Манаки“ и во Битола

by culturalchat

Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на Македонија во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се досегашни лауреати на „Браќа Манаки“. Кинотеката соопшти дека секоја среда од 20 часот ќе прикажува филмови од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“, а во Центарот за култура Битола овие проекции ќе бидат секој понеделник од 20.15 часот во Малата сала.

Ретроспективата ќе почне на 5 февруари со филмот „Персона“ од 1966 година на шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е Ингмар Бергман – постојаниот соработник на Никвист.

Брилијантно одглумен од Лив Улман и Биби Андерсон, мајсторски снимен од редовниот соработник Свен Никвист, ПЕРСОНА е еден од најдобрите филмови на Ингмар Бергман, а дефинитивно еден од најбитните филмски ракописи на 20-тиот век. Кино модернизам на највисоко ниво, комбинација на психолошка драма, егзистенцијализам и карактеристичен скандинавски сензибилитет. Анализиран и толкуван од многу филмски теоретичари, ПЕРСОНА е своевидна целулоидна реплика на Јунговата теорија за личноста, истовремено поставувајќи повеќе прашања поврзани со природата на филмската креација. Многумина сметаат дека токму овој филм е ремек-делото на Бергман.

Вториот филм од ретроспективата ќе биде прикажан на 12 февруари – „Париз, Тексас“ од 1984, снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златна камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е Вим Вендерс, постојаниот соработник на Милер. Станува збор за едноставна и спора приказна – медитативно аудио визуелно патување низ американските дистописки пејзажи, преку кое Вендерс и Шепард успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и за американскиот сон. Неверојатната глума на главниот актерски пар Хари Дин Стентон (чие лице самото е пејзаж) и Настасја Кински, фотографијата на Роби Милер и музиката на Реј Кудер го ставаат филмот меѓу најдобрите филмови на Вендерс и задолжителна филмска лектира за сите филмски сладокусци.

Во текот на неговата долга и плодна кариера, бил редовен соработник на филмовите на Вендерс и Џим Џармуш, а соработувал и со Анджеј Вајда, Барбет Шредер, Ларс фон Трир, како и со режисерите од Новиот Холивуд – Питер Богданович и Вилијам Фридкин.

Третиот филм е „Големиот Лебовски“ од 1998 на британскиот кинематографер Роџер Дикинс кој ќе биде прикажан на 19 февруари. Дикинс е двоен оскаровец, добитник на Златната камера 300 за животен опус во 2018 година. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен. ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ не поминува толку добро кај критиката во времето кога се појавува. Но, со тек на време, станува култен филм, до таа мера што во 2005 г. се основа движење/религија Дјудеизaм(Dudeism) која е посветена на ширење на филозофијата и начинот на живот на главниот лик во филмот. Кинематограферот Роџер Дикинс, е еден од најголемите живи мајстори на филмската камера. 16 пати е номиниран за Оскар за најдобра кинематографска работа, а добитник е на две статуетки Оскар. Петкратен добитник е на ASC наградата на Американското здружение на кинематограферите, како и на наградата на ASC за животен опус. Петкратен добитник е и на наградата БАФТА за најдобра кинематографска работа, како и двократен добитник на наградата Independent Spirit Award за најдобра кинематографска работа.

Последен филм од ретроспективата во февруари ќе биде „Влези во приказната“ на 26 февруари. Филмот е снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на Златна камера 300 во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е Гаспар Ное, постојаниот соработник на Деби. Најкомплексниот филм на Гаспар Ное, францускиот кино провокатор, со тек на времето стана култно остварување. Сè почесто овој интригантен кино-ракопис зазема место во листите за најдобри филмови досега во 21 век. Филмот првично е промовиран на Канскиот филмски фестивал, а по завршната пост-продукција во 2010, се најде на репертоарот на светските арт-хаус кино сали и кинотеки. Музиката во филмот игра значајна улога, и е комбинација од електронски пејзажи и психоделични звуци.

Филмовите ќе се прикажуваат секој понеделник во Малата сала на Центарот за култура со почеток во 20.15ч .

Related Articles