Home » Светски познатата фадо пејачка Јоана Амендоеира го отвори Фестивалот на музика од светот

Светски познатата фадо пејачка Јоана Амендоеира го отвори Фестивалот на музика од светот

by culturalchat
Под слоганот „Време е за светскиот звук, дома!“ викендов во Битола беше празник на музиката, односно се одржа 14. издание на Фестивалот на музика од светот во Центарот за култура. Во официјалната програма беа три концерти. „ Најубаво е секогаш дома“, истакна директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски и додаде: „ Започнавме со фадо со едно патување низ Португалија, со фадо музика која раскажува приказни.Но, ние не би биле ние, доколку не продолжиме со нашата приказна, балканската приказна, па не скршнеме малку накај Италија, Франција, Шпанија, за на крај повторно да се вратиме дома. Затоа што каде и да одиш во светот, најубаво е секогаш дома“. А за значењето на фестивалот за Битола, но и воопшто Македонија, рече: „Јас сметам дека овој фестивал е многу значаен, затоа што овој фестивал негува музика која не е комерцијална, која не често можеме да ја слушнеме по платформите, музика која на еден начин едуцира. И тоа е многу важно за градењето на нашата идна публика, бидејќи овој тип на музика, како на пример фадото кое е заштитено од Унеско, едуцира. Овој фестивал не потсетува на различноста во создавањето, интерпретирањето, слушањето на музиката од различни делови од светот, а од друга страна потенцира дека музиката е уметност на која не и треба јазик за да ја разбереш, доволно е да ги затвориш очите и да се препуштиш на тоа, духовно, емотивно патување на кое може да те одведе“. Фестивалот се отвори со настапот на познатата светска фадо пејачка Јоана Амендоеира со нејзиниот бенд од Португалија. Преку нејзиниот глас, фадото достигнува уникатни, возвишени моменти, поттикнати од нејзините сензуални и трогателни хармонии, а публиката во Битола со големо внимание го впиваше секој тон од песните. „Беше апсолутно фантастично, целото тоа чувство на поврзаност со публиката, луѓето слушаа со толку многу внимание и емоции, ние бевме комплетно среќни на сцената и заради цела таа енергија само ги отворивме нашите срца за публиката. Благодарност до целата публика, до фестивалот , многу сме среќни што сме дел од истиот и му посакуваме долг живот“, истакна Јоана. Во 1994 година, таа учествуваше на Гранд Фадо Гала во Лисабон, каде што доби пофалби од жирито и публиката.  Следната година, таа ја освои наградата за женски изведувач на гала Опорто. Од тој датум, таа постојано настапува низ Португалија и низ светот. Тука е концертот во Будимпешта пред португалска заедница, настапот со легендата на фадото Карлос до Кармо во аудиториумот на Радио Алфа во Париз и нејзиниот прв настап во Америка . Четири години подоцна беше објавен нејзиниот прв албум: 1998’s Olhos Garotos (Разиграни очи) ,нејзиното второ цд е со наслов „Таа улица“, во 2003 та го издава треиот албум „Joana Amendoeira“. Таа постигна дополнителен успех кога ја доби наградата за музичко Откритие  во 2004 година од португалската прес асоцијација. Истата година таа го претстави своето прво самостојно шоу на една од најстарите и најславните сцени во Лисабон: театарот Сао Луиз. Овој настап подоцна ќе се претвори во нејзиниот прв албум во живо, Ao Vivo Em Lisboa (Во живо во Лисабон). Фестивалот беше поддржан од Министерство за култура и Општина Битола. Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски

Related Articles