Со настапот на далматинската клапа „Жрновница“ од Хрватска, и гостувањето на Народниот театар од Сињ со претставата „Семејна идила“ од М.Ненадовиќ, а по адаптација и драматизација на Жељко Вицулин, во Битола беше презентирана дел од хрватската традиција и култура. Имено по повод Денот на државноста на Република Хрватска, Македонско-хрватското друштво (МХД) и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ традиционално и оваа година ја организираа манифестацијата за одбележување на овој ден во КИЦ-Офицерскиот дом.
Во публиката како и на секоја манифестација имаше Хрвати кои живеат во Битола, многубројни Хрвати кои живеат и во другите градови на Македонија, но и битолчани кои ја почитуваат хрватската песна, театар и култура.На присутните им се обрати хрватската амбасадорка, Нивес Тигањ.
„ Прекрасно, како што и напоменав во своето обраќање, убаво е што хрватските друштва, заедници ги негуваат хрватските обичаи, традиции, идентитетот на хрватскиот народ, што ги одбележуваат заедно со Македонците, нашите сонародници, најзначајните датуми на хрватската историја, а еден од најважните е секако Денот на државноста“.
Токму за значењето на овој ден истакна:
„ Исклучително е важно да се потсетиме на тие датуми, важно е да се присетиме што претходеше и што следуваше после тој датум. Важно е да се потсетиме на сите оние кои помогнаа ние денес да живееме во слободна и демократска, европска држава член на Нато, член на Шенген, евро зоната. Тоа е еден голем настан оваа година, како што и господинот Маретиќ истакна одбележуваме и 10 години од влезот во Европската унија, а кога зборуваме за Македонија посебно тоа го истакнуваме бидејќи Хрватска е најважна и најактивна држава поборник кон европскиот пат на Македонија, и не само политички поддржувач, Хрватска е најсилна техничка поддршка на Македонија на тој пат“.
Во име на домаќинот на манифестацијата, Хрватскиот културен центар, на гостите им се обрати претседателот на центарот Бранко Маретиќ, кој истакна дека е среќен што во Битола го прославуваат Денот на државноста, на датум кој е многу значаен за Хрватска и Хрватите, без разлика каде се наоѓаат.
„Тој ден е наша традиција и во таа насока го негуваме и ќе го негуваме секоја година. Добро знаете дека на 30 -ти мај 1990, Хрватскиот парламент ја изгласа декларацијата за прогласување на самостојна и суверена Република Хрватска. Тоа е еден од позначајните датуми на хрватската историја, камен-темелник на обнова на хрватската држава. Денес имавме прекрасен пример да ја погледнеме и поврзаноста на македонскиот и хрватскиот народ, публиката уживаше, заедно ги пееја песните, дадоа долготраен аплауз за актерите и клапата, публиката учествуваше во целиот процес на одбележување на Денот на државноста“, истакна Маретиќ.
Битола и Далмација, далматинскиот регион негуваат посебна поврзаност.
„Тоа е точно, тој медитерански мелос ги поврзува луѓето. Музиката нема граници, како ни театарот. Уметноста само ги поврзува луѓето и ги прави луѓето помирољубиви. Затоа оваа манифестација е одлична, едноставно сплитскиот регион и битолскиот, да се поврзат токму преку таа уметност“, додаде Маретиќ.
Клапатa „Жрновница“ доаѓа од истоименото место, предградие на Сплит, Хрватска. Континуирано работи од 2008 година, а е основана од нејзиниот долгогодишен водител, маестро Марко Марин.
„ Пред се сакам да се заблагодарам на организаторот на поканата, благодарност до колегите, пријателите од Сињскиот театар. Ние уживавме, публиката исто и благодариме за поддршката.Сакаме повторно да се вратиме во некоја наредна прилика. Ни значи што имавме можност да ја претставиме овде Хрватска, Далмација, почестени сме од поканата да бидеме дел од оваа значајна манифестација“, изјави Марио Крцатовиќ.
Имаат учествувано на многу фестивали, концерти во Хрватска и во странство, настапувале во Франција, Италија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, на Хрватскиот музички фестивал во Виена, Австрија, Словенија, Чешка и со задоволство како што ни изјавија, настапуваат на бројни хуманитарни и други културни настани.
Клапата негува полифоно пеење на далматинскиот мелос, а во својот репертоар, покрај традиционалните „а капела“песни, изведуваат и далматински песни со инструментална придружба на мандолина, гитара и бас. Изведуваат композиции од духовен карактер, класични композиции, аранжмани на популарни композиции, а негуваат и традиционално народно пеење.
Во програмата за одбележување на овој значаен празник за хрватската историја, народниот театар од Сињ ја изведе претставата „Семејна идила“ од М.Ненадовиќ, адаптација и драматизација на Жељко Вицулин. Соработката со Хрватскиот културен центар започна од средбата во Хрватска.
„Морам да кажам една случајна средба во Славонски брод пред 6,7 месеци допринесе за ова гостување за оваа прекрасна вечер. Видовме дека публиката уживаше. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи не само ние во Македонија туку и дека македонците ќе ни гостуваат кај нас“, истакна Вицулин.
Значењето да се биде дел од оваа манифестација е големо.
„Самата покана да бидеме дел од одбележувањето на Денот на државноста на Хрватска, еден од најголемите празници на нашата земја е исклучителна чест и признание не само за мене како раководител на театарот, туку и комплетно за нашето друштво, признание за градот. Ние ја претставувавме Хрватска овде во Македонија и на тоа сме исклучително горди“.
Премиерата на оваа претстава беше минатата година, а по барање на публиката досега е изведена над 20 пати во Хрватска. Народниот аматерски театар од Сињ е основан во 1956 година. Во сите овие години од нивното постоење подготвиле повеќе од 160 премиерни изведби. Овие бројки покажуваат дека овој театар и покрај кратките прекини, е еден од најактивните аматерски драмски театри во Хрватска. Во последните 10 години, со континуирана и професионална работа, театарот се издигна на едно повисоко ниво по бројот на поставени премиерни претстави, како и во учества на фестивали. На одбележувањето на нивното 60 годишно постоење ја добиваат Наградата на Сплитско-Далматинскиот округ за културна промоција на градот и регионот во Хрватска и странство.
На манифестацијата присуствуваа и дурги претставници на Хрватската амбасада во Македонија, Стјепан Домјанчиќ, Тихана Бохач, Ана Вучиќ, Генералниот конзул на Бугарија во Македонија, Николај Димитров, членот на советот на валадата на Хрватска од Македонија, Јосип Туниќ, директорката на КИЦ, Лили Бошевска, претставници на католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Културните гостувања и соработки траат долги години, колку што постои Македонско хрватското здружение и Хрватскиот културен центар, а со цел да се претстави богатата култура и традиција на Хрватска.
Вечерта помина во прекрасен амбиент, а сите присутни заедно пееја и уживаа. По концертот, во ресторанот на хотел “Премиер – Центар“ се одржа свечениот коктел, на кој беа договорени нови настапи и соработки, а гостите уште еднаш уживаа во прекраснатите изведби на клапа Жрновница.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски
Сашо Ставрев