Home » Успешно претставување на Бабец театар во Нови Сад

Успешно претставување на Бабец театар во Нови Сад

by culturalchat

Бабец театар со претставата „Јованче и Марика“ гостуваа во Европската престолнина на културата за 2022 година – Нови Сад, како дел од детскиот фестивал Лименка фест покрај осум други театри од регионот. Беше презентиран македонскиот театар за деца, со што воедно се промовираше и Битола како град во кој сериозно се вложува и се негува театарот за деца и на крајот публикатата имаше можност да го слушне македонскиот јазик.

-„Јованче и Марика“ е магична претстава на драгите гости од Битола која имавме можност да ја погледнеме на нашиот фестивал. Раскошни костими, одлична музика која ве крева на нозе и ве носи во светот на имагинацијата, впечатливата сценографија и феноменалните актери од Македонија, ни ја раскажаа бајката која многу добро ја знаеме во поинакво светло. Битола, не само браво, туку цела вечер ја пеевме Битола мој роден крај поттикнати од прекрасната претстава“, истакнаа организаторите на фестивалот.

На децата им беше понудена нова верзија на познатата бајка на браќата Грим. Станува збор за приказна за две деца чиј татко поради финансиски проблеми, под принуда на сопругата и нивната маќеа, ги носи во шумата и ги остава таму.Авторите на претставата додаваат дека целта на тоа што го создале е да им покажат на децата како сме посилни со многу љубов и грижа еден за друг и дека секоја авантура може да не научи на нешто ново, а пред се е важно да научиме да правиме разлика помеѓу злото и доброто.

Претставата е работена според приказната на браќата Грим, а во режија на Васко Мавровски, костимографија Благој Мицевски. Во истата играат: Никола Пројчевски, Јулијана Мирчевска, Петар Спировски, Катерина Аневска.

Првиот театарски фестивал Лименка, е создаден со идеја за комбинирање на театарот за деца и будење на еколошката свест кај најмладите, се одржува во Нови Сад од 24 до 28 јули.Идејата на овој фестивал е на конкретен начин да им покаже на децата како да му дадат еколошка вредност на она што го рециклираат, благодарение на што потоа можат да одат во театар. Влезниците за фестивалот не можат да се купат, бидејќи ги нема. Билетот е „еколошка валута“, алу-монета, прва од ваков вид регистрирана во светот. Се доделува на секој што ќе донесе празни лименки со кои „плаќа“ влез на сите претстави во рамките на фестивалот. За да добиете една алу-монета, треба да понесете пет празни лименки. Важно е да се напомене – лименки, а не пластични шишиња. Конзервите се рециклираат, пластиката не, велат организаторите.Фестивалот се одржува како дел од програмата Нови Сад – европска престолнина на културата. За време на фестивалот ќе бидат изведени девет претстави од Србија и регионот за деца од 2 до 12 години.

Премиерата на претставата „Јованче и Марика“, беше во 2017 та година со која започна седмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

 

 

 

Related Articles