Home » Дигитализирани 5 милиони записи македонско творештво

Дигитализирани 5 милиони записи македонско творештво

by culturalchat

Институтот за македонски јазик дигитализираше 5 милиони записи македонско творештво. „И по десет и по дваесет, и по педесет години научниците ќе можат да ѕирнат во картотеките на Институтот преку дигиталната форма. Tоа е оставштина за следните генерации“, истакнуваат од Институтот.

На самите почетоци на овој процес беше истакнато дека  процесот на забрзана дигитализација е неопходен, затоа што од Министерството за култура дошле до сознанија дека за цели 9 години до тогаш биле дигитализирани само 140 илјади листови, од околу 5 милиони со кои според тогашната проценка располагал Институтот и дека таа бројка е премала. Блаже Конески, Ацо Шопов, па сѐ до автори кои твореле од 14. век до денес, може да се најдат во дигиталниот свет. Македонската читателска публика се радува на дигитализацијата, бидејќи не се чести делата на македонските творци во дигитална верзија.

Во последно време постои развиена свест за дигитализација помеѓу јавниот сектор и компаниите кои ја вршат дигитализацијата, но многу се важни приоритетите во работењето.
Целото творештво дигитализирано од 14. век сè до современите автори, основоположниците, генерации лингвисти и вработени во Институтот го прибирале и складирале седумдесет години. Ова литературно богатство сега е заштитено од пожари, поплави, елементарни непогоди и живее во виртуелниот свет.

„Картотеката е нашата душа. Секој од нас работел на собирање на тие картотеки. И по десет и по дваесет, и по педесет години научниците ќе можат да ѕирнат во картотеките на Институтот преку дигиталната форма,“ истакнува директорката на Институтот за македонски јазик, „Крсте Мисирков“ Елена Јованова Грујовска. Дигитализирани се 12 картотеки со 5 милиони записи македонско творештво кое идните генерации ќе може да го користат во следните 500 години.

„ Нашите картотеки во Институот се доказ за постоењето на македонскиот јазик, на македонскиот народ, за неговиот развој и за неговиот идентитет,“ додава Јованова Грујовска.

Секој запис има рачно напишан збор, потоа следи контекст од најмалку една реченица. Потоа е извадок од дело во кое е искористен зборот, заедно со авторот на делото и во која година е објавено истото. Со дигиталните копии зачуван е целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик. Со оваа дигитализација се остава можност на идните генерации побрзо и поефикасно да стигнат до литературните ракописи на македонските автори.

Дел од информациите се користени од Види вака.

 

 

Related Articles