Home » За и околу „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски

За и околу „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски

by culturalchat

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија уште од далечната 1975 година. На конкурсот за наградата „Стале Попов“ во ДПМ пристигнаа осумнаесет дела од исто толку автори. Нивниот квалитет го оценуваше комисијата во состав: Милован Стефановски (член), Весна Дамчевска Илиевска (член) и Александра Јуруковска (претседател). По внимателното исчитување на книгите и по неколкуте одржани состаноци, комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2022 година да му ја додели на романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски.

Според образложението, станува збор за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки: „Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето“. Ова е трета награда „Стале Попов“ за Венко Андоновски, кој признанието за најдобро прозно остварување според ДПМ го доби за романот „Папокот на светот“ во 2000 година и за романот „Ќерката на математичарот“ во 2013 година. Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања беше на 13 февруари – Денот на Друштвото на писателите на Македонија.

Оваа книга го доживеа своето второ издание. За помалку од еден месец, секој примерок од првиот тираж си го најде својот дом во срцата на читателите. Ова е доказ за тоа колку македонската читателска публика е гладна за квалитетни книги од домашни автори. Промоцијата на Венко Андоновски го најави тоа. Беше еден од најпосетените книжевни настани што се случиле досега кај нас.Промотори на книгата беа Винка Саздова и Игор Џамбазов. Романот на едно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, авторот и професор Венко Андоновски,  излезе десет години по објавувањето на последниот роман „Ќерката на математичарот“ и 22 години од „Папокот на светот“, книгата што ги освои речиси сите значајни книжевни награди (Роман на годината, „Стале Попов“, „Балканика“ и руската награда „Југра“). Новиот роман се надоврзува (но не го продолжува) на „Папокот на светот“. Јан Лудвиг, протагонистот кој пред повеќе од 20 години трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), сега е во потрага по папокот на Светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа Светлина која ја просветлува душата и како се случува некој цел живот да ја бара неа, а некој да се задоволи да му биде облека на ѓаволот. „Папокот на светлината“ е во знакот на Светото Тројство: тројца навидум различни раскажувачи раскажуваат три навидум неповрзани приказни, сите љубовни на свој начин, три наративи кои на крајот се сврзуваат во еден, можен роман. На тој начин овој роман станува и нов клуч за читање на „Папокот на светот“; тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам кој и ќе го уништи стариот поредок, со сите негови морални вредности, и ќе го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене новиот свет. „Папокот на светлината“ е значаен прилог кон тој нов, продуховен свет. Во ова ремек-дело, како и во овој свет, „сѐ што гледаме говори за невидливото“;Јан се очистува од светот за да се врати во светот. Ама тој се прочистува не само преку монашко послушание и понизност, преку ужасот на парадоксот и субјективната логика, туку и преку борба со тегобните и мрачни страсти на своето его, за да стане подобар човек .    

Related Articles