Home » Инспиративни битолчанки:„Да се живее сопствениот сон неизбежно подразбира момент на внатрешно будење“-Кети Борисовска

Инспиративни битолчанки:„Да се живее сопствениот сон неизбежно подразбира момент на внатрешно будење“-Кети Борисовска

by culturalchat

„Да се живее сопствениот сон неизбежно подразбира момент на внатрешно будење.Од “сонуваниот” сон како интроспективно патување,создадено од впечатливи луѓе,места,настани и доживувања го дефинираме сонот кој треба реално да се живее.Секогаш асоција на таквиот сон се мечтите,посакуваниот живот,убавото,мирот и спокојството.Сето тоа ја дефинира личната среќа“, вака го започна разговорот со нас актерката во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, битолчанката Кети Борисовска, а по повод разговорите од серијалот на инспиративни битолчанки. Жени кои храбро чекорат низ секојдневните предизвици, а нивната сила и мотивација за исполнување на своите соништа, не инспирира и нас.

„Што сме ние, луѓе? Бездруго сме луѓе.

И светост и нискост срцето ни крие затоа  што сме се, кое сте и вие!

Што сме ние, луѓе? Какви луѓе сме ние?

Во актерот истовремено живеат две души.

А кога актерот, не е актер туку актерка е, душите во него 333 се!

Штом ногата ни стапне на сцена

Душата одеднаш  станува просветлена,

возвишена и ѕвони во просторот…

… способна е да направи од човекот – Човек!

Театар, љубов моја“, ќе истакне Борисовска за театарот.

Таа беше избрана за најдобра актерка во Велешки театар за 2017 година,  за улогите во „Ана Комнена“, „Театар љубов моја“, „Волшебникот од Оз“. Тука се и улогите во „Онегин“, „Инферно“, „Четири соби“, „Последниот балкански вампир“, „Старицата од Калкута“, „Сара“.

Да не ги заборавиме и ликовите на ,Клитемнестра во „Кралските копилиња“, Нора во „Нора”, Регана во „Кралот Лир“, госпоѓа Пернел во „Тартиф“,Амелија во „Домот на Бернарда Алба“, Силвија во „Проклетството на изгладнетата класа“, Хенриета во „Принцезата и гускарот“ (куклена претстава), „Тој и таа” и уште многу други проекти и претстави. Почетоците и се во драмското аматерско студио „Солзи и Смеа“ во Битола, а од 2003 е вработена во велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

 К.Б.- Жигосувањето на жената уште од искона,за жал,како да оставило последици до денес и како тој жиг на “грешница” да е постојаниот мотив за докажување на спротивното.Жената мора да дејствува по обратниот принцип.Не да се докажува,не да се бори за некакви права туку да разбере дека е вселена што создава живот,посилната половинка за справување со истиот и еднакво важна за постоењето на светот.Не да се стреми да биде иста во дадените туку да создава свои правила, зашто трагајќи по некаква еднаквост со мажот,ги загуби суштинските начела на својот пол.Поддршката и помошта можеби најмногу се состои во креирање на сопствениот,”женски” пат.Поајѓајќи од себе би ја издвоила слободата.Во секој смисол.Жената ја има слободата да љуби кого сака,да ја избере својата професија,да знае дека и покрај физичката доминација на мажот,мудро мора да го зачува својот телесен интегритет, да не дозволи да биде физички и психички злоставувана, активно да учествува во создавањето на општествениот живот и најважно од се-да знае дека ништо не мора и за неа постои само она што таа го сака.А се создадено од жената затоа што сакала, ќе и создаде темел за поубав и поисполнет живот.

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

К.Б.- Во оној момент кога човек ќе ја препознае својата предодреденост или својот талент,кога ќе ги постави своите цели и ќе прифати која е неговата мисија,тогаш професијата(работата) станува начин на живот.Во тој контекст,должни сме посветено,одговорно и со се свое да го градиме своето живеење(работење).Проблемите се составен дел од целото и понекогаш заради лични пропусти,понекогаш заради околности што не зависат од нас доаѓа до пад или чувство на безизлезност.Живееме во општество кое оддава слика на колективно незадоволство од немањето работа или проблеми во истата.За жал  сведоци сме сите на луѓе без конкретна мисија и мотивираност- критички настроени набљудувачи на кои дејствувањето им изостанува.А токму решението лежи во љубовта  како мотив и дејствувањето .Не само заради тоа што зборот дејство е другото име на театарот(работата на која јас припаѓам), дејствувањето е моторот на животот во секоја смисла.Работата наоѓа решение во многу работа.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и зошто е важно да не се откажуваме од истите?

К.Б.- Да се живее сопствениот сон неизбежно подразбира момент на внатрешно будење.Од “сонуваниот” сон како интроспективно патување,создадено од впечатливи луѓе,места,настани и доживувања го дефинираме сонот кој треба реално да се живее.Секогаш асоција на таквиот сон се мечтите,посакуваниот живот,убавото,мирот и спокојството.Сето тоа ја дефинира личната среќа.А таа пак го затвора кругот и бара повторно и повторно да сонуваш,да растеш.А да се откажеш од својата среќа е исто како да си ја згазиш сенката,само да вирееш,да немаш цел, да се отфрлиш себе си, да не постоиш.Секој нов сон е насоката кон суштината на поимот постоење.

 

Related Articles