Home » 30 години „Македонски глас“ во Хрватска

30 години „Македонски глас“ во Хрватска

by culturalchat

На трибина во Загреб се одржа свеченост по повод тридецениското постоење на списанието „Македонски глас“, на која присуствуваа видни личности од политичкиот, општествениот и културниот живот во Хрватска, меѓу кои претставници на претседателот на државата, Хрватскиот парламент и владата, и секако Македонци кои се вклучени во работата на ова значајно списание и негови читатели.На истата присствуваше македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи и директорката на Македонскиот културен центар Наталија Поповска.

Промотори на трибината беа: претседателот на Заедницата на Македонците во РХ, Илија Христодулов, главната и одговорна уредничка, Милена Георгиевска, доц.д-р. Ивица Баковиќ од Филозофскиот факултет од Загреб, м-р Јулијана Младеновска, Продекан од Евангелиската теолошка школа од Осиек, водител беше Елизабета Петровска.

За музичката атмосфера се погрижија:пејачката група Моми бисерни при МКД Охридски бисер Загреб, под водство на Сафиудин Алимоски.

„Оваа значајна годишнина претставува долгогодишна заложба за зачувување на македонската култура, јазик и традиција во Хрватска“, вели главната и одговорна уредничка, Милена Георгиевска.

Таа посочи на историскиот момент кој нѐ потсетува на важноста на медиумските платформи кои го одржуваат и негуваат културното наследство и единството меѓу различните заедници.

„Списанието беше сведок на многу промени како во Македонија, така и во Хрватска и го следеше развојот на односите меѓу двете земји“, потсетува Георгиевска.

Според неа, сите овие 30 години списанието е столб на заедништво и промотор на македонската култура во Хрватска. Главната уредничка посакува „Македонски глас“ да ја продолжи својата вредна мисија и во годините што доаѓаат, чувајќи и ширејќи го богатото наследство на македонската заедница.

Меѓу бројните честитки упатени на адресата на Заедницата на Македонците во Република Хрватска по повод големиот јубилеј е и онаа на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој посочува дека во текот на тридецениското постоење „Македонски глас“ прерасна во респектабилно списание кое навремено и квалитетно информира за активностите на Македонците во Хрватска и ревносно придонесува за афирмација и промоција на македонската традиција и култура. За претседателот на Заедницата на Македонците во РХ, Илија Христодулов, иницијативата за издавање на сопствено списание „Македонски глас“ е историски настан за севкупното македонско национално малцинство во Република Хрватска, а и пошироко.

„Тоа е нашиот македонски незаборав како аргумент дека иако далеку од родните огништа и расфрлани по сите страни на светот, нашите срца и мисли се постојано поврзани со милата ни татковина. Така нѐ учеше македонскиот апостол, личноста на 20. век, Крсте Петков Мисирков“, вели Христодулов.

Тој упати неизмерна благодарност до Владата на Република Хрватска и Советот за националните малцинства за нивната помош и нивното редовно кофинансирање на програмските активности на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, до сите досегашни главни и одговорни уредници, нивните заменици и редакциски одбори, дописници, фоторепортери, печатници, како и до сите останати кои што на било кој начин придонесувале и придонесуваат за успешна реализација на  списанието „Македонски глас“.

„Драги и почитувани пријатели, познаници, колеги, искажуваме благодарност до сите кои придонесоа во овие 30 години за списанието „Македонски глас“, ви благодариме што дојдовте на промоцијата и за зборовите поддршка испратени на адресата на Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Горди сме што со вас ја споделивме нашата радост и ја прославивме оваа значајна годишнина! Благодариме! Слава и на оние кои повеќе не се меѓу нас, а кои придонесоа „Македонски глас“ да биде она што е денес. Посакуваме успех во понатамошната работа на единственото списание на македонски јазик во Република Хрватска“, рече Елизабета Петровска.

 

Related Articles