Home » Изложбата Лица и места, етнографски фотографии од Браќа Манаки презентирана во Битола

Изложбата Лица и места, етнографски фотографии од Браќа Манаки презентирана во Битола

by culturalchat

„Лица и места“ е насловот на изложбата на одбрани етнографски фотографии од браќата Манаки која Државниот архив – Одделение Битола ја реализираше во соработка со Центарот за култура . Оваа година изложбата беше во рамките на фестивалот „Илинденски денови“.

Фотографиите ја прикажуваат убавината на народните носии од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. На присутните им се обрати директорот на Архивот во Битола Гоце Стојановски и директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски.

Браќа Манаки се фотографи кои оставиле траен белег со нивното творештво не само на Балканот туку и пошироко. Фондот „Браќа Манаки“ е во сопственост на Одделението Битола од 1965 година. Освен што ги овековечиле случувањата во кралските дворови во Букурешт, во Белград и на османлискиот двор, тие оставиле и траен запис од општествено-политички, просветно-културни и други збиднувања на еден поширок регион на Балканот, а најмногу во Битола и Битолско.

Нивното појавување во Битола не е случајно и нивните белези токму овде се повеќе мисија и хронологија на еден позначаен и посеопфатен потег на историјата. Тие не се само кинаматографери, фотографи, прикажувачи на филмови, тие се своевидни историски архивисти, собирачи на сите бескрајни пројави на животот. Нивната судбина, предодредена и поставена од севкупната генеза на овој град всушност е судбина на двајца мечтатели кои ја зачуваа севкупната бесмртност на човештвото видена низ сите нивни фотографски и филмски сликања со светлината.

Познати како првите балкански кинематографери, браќата Јанаки и Милтон Манаки го вградиле сето свое знаење и несебична љубов во регистрирањето на голем спектар од настани и личности. Етнографската фотографија било да е студиска или на отворен простор, е составен дел од нивната фотографска дејност. Лицата и местата кои тие ги фотографирале, воедно се и изучување или опис на однесувањето на еден народ. специфична култура или група, односно нивната етнографска фотографија е доказ за уметноста на изработка на богати носии без разлика на етничката и верска припадност.

Лицето претставено на фотографијата го претставува и местото на кое припаѓа.
Неговиот лик е приказ на неговата личност, додека пак, неговата облека е богат приказ на местото од каде доаѓа и на кое припаѓа. Богатото народно творештво исткаено во форма на свечена облека, украсено со вез и накит, така слично, а сепак различно од село до село, од регион до регион, од еден етнос до друг, од една религија до друга, е вистинското богатство што браќата Манаки го овековечиле и го зачувале за навек.

Во период од шеесет и шест години, во кој се одиграа важни историски настани, како вистински пионери во сферата на фото и видеодокументаристиката, Браќата Манаки оставија богат фото и видеоматеријал, со огромна архивска и уметничка вредност. Тие оставиле богат и значаен филмски и фотографски опус од преку 7.715 стаклени плочи негативи, 2087 план филмови, 8711 рол филмови и 17854 фотографии, кои заедно со нивната Камера 300 се чуваат во Архивот на Битола.

Фондот ,,Браќа Манаки” ќе биде дигитализиран до крајот на август 2024 година . Изложбата ќе биди поставена во фоајето на НУ Центар за култура во Битола се до завршетокот на Илинденски денови 2023 г.

 

 

Related Articles