Home » „Музичка импресија“ со Кристина Светиева наскоро во Битола

„Музичка импресија“ со Кристина Светиева наскоро во Битола

by culturalchat

На 30-ти мај, во КИЦ- Офицерскиот дом во Битола, ќе се одржи концертот „Музичка импресија’ на  проф.д-р Кристина Светиева. На програмата ќе бидат делата на Клод Дебиси.

Проф.Светиева е редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Се истакнува како една од најталентираните македонски пијанистки од помладата генерација која низ годините развива широка концертна дејност. Успешно настапува на подиумите низ Македонија (фестивалите „Охридско Лето”, „Скопско Лето”, „Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.

Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат дебито со Македонската филхармонија на седумгодишна возраст, после кое во годините кои следат реализира низа настапи со истиот оркестар. Критиката ги забележува и високо оценува и нејзините настапи со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, а во нејзиното портфолио е забележано учество на повеќе интернационални музички фестивали во Турција, Северен Кипар и Холандија. Светиева има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Бугарија, Стокхолм, Шведска, Париз, Франција и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска – Илкова.

Дизајнот на плакатот за концертот го направи братот на Кристина, Борис Светиев.

Настанот е со почеток од 19 часот.

 

Related Articles