Home » Претставена изложбата „Вилина во простор“ на Маја Танева

Претставена изложбата „Вилина во простор“ на Маја Танева

by culturalchat

„Вилина во простор“ е насловот на самостојната изложба на скулпторката Маја Танева која беше презентирана во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ова е нејзина 12. самостојна изложба. Таа се претстави со неконвенционални пајажинести скулптури и тродимензионални разгранети ѕидни инсталации со употреба на челични индустриски јажиња (сајли).

„Во нејзиниот интимен визуелен и ликовен јазик вилината постанува метафора на заемното дејствување меѓу човекот и природата, симболизирајќи ја способноста за адаптација и постојаната метаморфоза, клучни во процесот на севкупната еволуција во природата и преживувањето на човештвото. Во линеарен ритам на волуминозните асиметрични конструкции, Танева скулпторски раскажува слободна лирична наративност со дијагонално извиени и динамични асоцијативни апстракции“, истакна Викторија Димеска, историчар на уметноста.

Маја Танева е линеарен уметник, скулптор – создава скулптури, инсталации и слики со фокус и манипулација на линијата како единка и група. Скулптурите и инсталациите ги создава со индустриски челични јажиња – сајли, кои во тешката индустрија се наменети како опрема за подигнување. Танева е родена на 04 декември 1984 во Скопје. Дипломира и магистрира на ликовната академија, отсек скулптура во Софија, во класата на проф. Емил Мирчев. Живее и работи во Скопје. Уникатниот печат во творештвото на Танева е составен преку комплексноста на апстрактните форми, манипулацијата на линијата и единствениот пристап на избраниот материјал на моделирање. Танева е член на ДЛУМ од 2010 год. и член на ДЛУБ од 2023 год. Делата на Танева се наоѓаат во приватни колекции, интернационални и локални љубители на тридимензионалната форма. Учесник е во многубројни групни изложби.

Related Articles