Home » Успешно реализирано третото издание на Денот на пијаното во Битола

Успешно реализирано третото издание на Денот на пијаното во Битола

by culturalchat
Во прекрасна атмосфера во Офицерскиот дом во Битола, се одбележа „Денот на пијаното“. Настанот кој и годинава привлече голем број посетители и силни аплаузи, беше поддржан од општина Битола и Културно информативниот центар и е дел од културната програма на општината за оваа година. Организатор на настанот е Здружението на пијанисти и педагози „Пијано“ од Битола , а секое ново издание изобилува со инвентивност и креативност, што претставува инспирација и поттик за создавачите на музиката, нејзините изведувачи и слушатели. Музичкиот дел го исполнија 50 млади таленти од 8 музички училишта од Македонија: Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија и Скопје. Програмскиот дел, беше збогатен и со предавање на психологот Нина Тасевска, на тема „Улогата на наставникот во надминување на психолошките предизвици при јавен настап“. Освен предавањето, екслкузивно и премиерно настапи триото “Трифоника” – пијано 6 раце, кое што е единствено трио според својот состав во овој дел од нашата држава. Настанот се одржа во преполна сала од која зрачеше позитивна енергија и убава атмосфера која предизвика неверојатно чувство на возбуда и среќа на учесниците и присутните, а целта на настанот освен прославата на Денот на пијаното беше и дружењето, споделувањето искуства, како и заедничкото музицирање на младите таленти од целава држава, бидејќи ова е уникатен празник за музичкиот свет, а посебно за пијанистите. Тоа е повод кој треба да се слави од повеќе причини, но најмногу поради радоста што ја носи прославата за пијаното како еден од најпопуларните и најомилени инструменти кај изведувачите, композиторите и како најважни – кај слушателите. Целиот настан  заврши со доделување на мали подароци, дипломи за учесниците, благодарници за училиштата, како и желба за што повеќе настани и соработки од овој тип. „Ден на пијаното“ е светски настан, со кој му се посветува внимание на пијаното. Бидејќи клавирот, по правило, има 88 клавиши, настанот се случува на 88-от ден од годината. „Ден на пијаното“ е настан за промоција на млади пијанисти, нови звуци, млади и иновативни македонски и странски композитори. Настанот е инициран од германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам. Тоа е ден, кој не е посветен само на познатиот уметник од Берлин, туку и на прекрасниот инструмент со клавијатура. На денот на настанот во целиот свет љубителите на пијаното посетуваат и организираат концерти. Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски

Related Articles