Home » Долготрајни аплаузи по светската премиера на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“

Долготрајни аплаузи по светската премиера на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“

by culturalchat

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ – Скопје, ја имаше својата светска премиера на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција.

Публиката репризно ќе може да го погледне на 7. Септември. „Домаќинство за почетници“ е дел од натпреварувачката програма „Orizzonti“ во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога. Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три твродглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.

Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни“ (Of an Age) го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Мелбурн. „Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“ – Скопје.

„Многу ме радува тоа што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што првпат концептот за „Домаќинство за почетници“ го развивме во работилницата на Биенале колеџ синема во 2019. Во меѓувреме, имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции, кои заедно ги вложивме во снимањето, се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам“, изјави режисерот Горан Столевски.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, ја нагласи исклучителната важност на повторното учество на еден македонски филм на фестивалот во Венеција. „Македонската кинематографија продолжува да реди успеси и да е дел од најреномираните светски филмски настани. По многу години, Македонија минатата година со мнозински филм се врати во официјалната селекција на фестивалот во Венеција, а оваа година македонски филм финансиран од Агенцијата за филм повторно е дел од најстариот фестивал. Се радувам на успехот на Горан и целата екипа и се надевам ќе успееме да освоиме значајни награди на најстариот филмски фестивал во светот“.

Меѓународниот филмски фестивал во Венеција (Мостра) почна пред неколку дена, а во конкуренција за наградата „Златен лав“ се вкупно 23 филмски остварувања. По повод 80-годишнината од постоењето на фестивалот, во трката за престижната награда во годинашната конкуренција се филмовите на прославените режисери Лук Бесон, Бредли Купер, Дејвид Финчер, Софија Копола, Мајкл Мен, Роман Полански и други.

Во натпреварувачкиот дел од програмата публиката ќе има можност да го гледа новиот филм на Дејвид Финчер, „Убиец“, во кој главните улоги ги толкуваат Мајкл Фасбендер и Тилда Свиндон, како и „Јадници“ (Poor Things) на Јоргос Лантимос, во фантастичната приказна, во која Ема Стоун глуми жена, која во живот ја враќа брилијантниот научник Годвин Бакстер. Режисерот и актер Бредли Купер ќе ѝ се претстави на публиката со филмот „Маестро“, во кој главните улоги ги толкуваат токму тој и Кери Мулиган. Ова остварување претставува режисерски камбек на Купер по оскаровецот „Sвездата е родена“ од 2018 година. Во биографскиот филм на Купер е прикажана брачната битка на легендарниот композитор Леонард Бернштајн и неговата сопруга Фелиција Монтеалегре. Мајкл Мен годинава се претставува со филмот „Ферари“, во кој ќе биде раскажана приказната за бившиот тркач Енцо Ферари, кој се обидува да ги спаси своето семејство и работажта обложувајќи се на легендарната трка Mile Miglia.

Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петте најзначајни фестивали во светот од А-категорија заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс.

Related Articles